„Ниту една земја не може самостојно и изолирано да се справува со предизвиците на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста. Бидејќи, независно колку една земја е развиена или не, сите ние се соочуваме со истите ризици, со истите предизвици и затоа координиран и заеднички пристап е неопходен“. Ова го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во своето воведно обраќање на Глобалната конференција за градење сајбер капацитети „Сајбер отпорност за развој“, која неделава се одржува во Акра, Гана, во организација на Глобалниот форум за сајбер експертиза (GFCE), заедно со Светска банка, Светскиот економски форум (WEF) и Институтот за сајбер мир.
Истакнувајќи ја важноста на настаните кои придонесуваат за обликување на иднината на светско ниво, вицепремиерката Грковска нагласи дека е исклучително важно сајбер политиките да бидат составен дел од колективните напори за намалување на разликите во социо-економскиот развој и реализацијата на глобалните развојни цели.
„Од една страна, дигитализацијата помага да се забрза развојот и да се направат позначајни чекори кон подобрување на услугите и стандардите за граѓаните во помалку развиените земји. Но, од друга страна, уназадувањето или стагнацијата на ова поле станува дополнителен комплицирачки и поткопувачки фактор за сите други развојни политики“, истакна Грковска во обраќањето на пленарната сесија.
Таа додаде дека за успешен процес на дигитална трансформација на општеството, но и на сајбер безбедно и отпорно општество, клучно е градењето на широк, не само политички туку и општествен консензус за потребата од инвестиции во соодветни технички капацитети и инфраструктура, како и за градење на стручен човечки капитал со знаење и квалификации за подобрување на севкупните дигитални вештини.
На самото отворање на глобалната конференција, учесниците заеднички поддржаа „Акра повик за развивање на сајбер отпорност“, кој се залага за посилно партнерство и координација и кој претставува рамка за глобална акција.
Во текот на денешниот ден, вицепремиерката ќе биде говорник и на две панел сесии кои ќе бидат посветени на процесите на јакнење на капацитетите за сајбер безбедност, како и за родовиот јаз и неконвенционалните стратегии за инклузија на жените во овој сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.