Во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска се сретнала со студенти во Американскиот универзитет на Европа – ФОН.

Заблагодарувајќи се за покажаниот интерес на студентите и наставниот кадар од овој универзитет да се вклучи во активностите насочени кон зголемување на свеста за важноста на етиката, интегритетот и одговорноста, вицепремиерката Грковска истакнала дека тоа се клучни принципи за градење подобро општество за сите.

-Реформите, зајакнувањето на системот, подобрувањето на условите за развој, се суштински за унапредување на општеството во целост. Но, сметам дека во огромна мера се важни и стандардите на однесување, начинот на работење и имањето морална вертикала во вршењето на која било професија или функција, рекла Грковска и посочила дека во контекст на дневната политика и многубројните кризи, не е лесно да се стави фокус на основните вредности, иако тие го дефинираат начинот на којшто се одвиваат сите општествени процеси.

Како што се наведува во соопштението од Владата, во отворената дискусија била истакната потребата младите да се мотивираат за поголема политичка партиципација на секое ниво и да се зголеми просторот за граѓанска и политичка едукација, имајќи предвид дека недоволно е изградена свеста за значењето на општествената одговорност и демократските институции и вредности.

Во таа насока, се дискутирало и за важноста на унапредувањето на состојбите во образовниот систем, како еден од главните столбови на општеството. На средбата е разговарано и за напорите за јакнење на транспарентноста, како принцип на доброто владеење којшто води кон поголема отчетност и одговорност на институциите и носителите на функции.

Како што се посочува, вицепремиерката Грковска истакнала дека транспарентноста, од една страна, директно влијае за намалувањето на корупцијата, а истовремено води кон промени во односот на администрацијата, чија основна улога е да биде сервис на граѓаните.

Учесниците во дебатата се согласиле дека е важно да постои консензус за сите прашања кои се од висок општествен интерес, но и дека отсуството на етика и демократски вредности во заедницата ги потхранува авторитарните тенденции кај младите луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.