Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се сретна со новоименуваната амбасадорка на САД, Анџела Прајс Агелер.
Вицепремиерката Грковска и посака топло добредојде на амбасадорката Агелер и изрази уверување дека таа со оглед на нејзиното искуство и одлучност, ќе придонесе кон понатамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји, зајакнување на соработката, но и поефикасен пристап во борбата против корупцијата. Двете соговорнички разговараа за потребата за промена на пристапот во однос на антикорупциските политики, со цел да се постигнат подобри резултати.
Амбасадорката Агелер ги поздрави напорите што вицепремиерката Грковска и нејзиниот кабинет ги преземаат во делот на зајакнување на транспарентноста на институциите, како клучна алатка во борбата против корупцијата.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за континуираната американска помош, како во однос на нашиот евроинтеграциски пат, така и во однос на јакнење на капацитетите во сите области, што е предуслов за силно демократско општество.
На состанокот се разговараше и за поддршката што САД ја обезбедува на Македонија во делот на процесот за дигитална трансформација на општеството, што беше оценето како клучен процес за зајакнување на капацитетите, одговорноста и професионалноста на инстиутуциите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.