Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши ќе учествува на Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во Рига, Летонија.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши воедно е и претседател на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа на Собранието, а во состав на Делегацијата е и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Самитот е во коорганизација на Руслан Стефанчук, претседател на Врховната Рада на Украина и Даига Миерина, спикерка на Парламентот на Летонија.
На Самитот ќе учествуваат над 20 претседатели на парламенти, 10 потпретседатели на парламенти и претседатели на парламентарни собранија. Пленарната сесија ќе се фокусира на начините за помош, поддршка и обнова на Украина, стои во соопштението.
Се очекува претседателот Гаши да оствари билатерални средби на маргините на Самитот.
Инаугуративниот самит на Кримската платформа се одржа во Киев на 23 август 2021 година на ниво на шефови на држави и влади. Првиот Самит на Парламентарната димензија на Кримската платформа се одржа во 2022 година во Загреб, Република Хрватска, а Вториот во 2023 година во Прага, Чешка Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.