Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава во делот на правосудството, рече дека тој дава реален приказ на достигнувањата и состојбите, но истиот претставува и поттик за испорачување на потребните реформи. Реформите во правосудството според Филков се одвиваат во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план, а во наредниот период клучен приоритет ќе биде да се реконституира Советот за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство.
„Ни претстои една од најзначајните реформи од кои ќе зависи нашиот напредок на патот кон Европската Унија- Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Веќе од утре почнуваат јавните стручни дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет подготвени од страна на работната група формирана од Министерството за правда. Ова ќе биде само еден од неколкуте настани за консултирање на стручната јавност кои Министерството за правда планира да ги организира со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судски совет. Овие дискусии нема да бидат површни. Тие ќе бидат сеопфатни, ќе ги вклучуваат сите релевантни фактори и ќе имаат за цел да создадат решенија кои ќе ја загарантираат независноста на овие институции. Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање, функционирајќи единствено во служба на правдата. Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеењето на правото”, изјави министерот за правда Игор Филков на дебатата Платформа:100% посветени за тебе на тема: „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната”.
Министерот Филков говореше и за состојбата која ја затекнал во Министерството за правда, празниот буџет, нерационалност и крајна девастираност на институцијата.
„Моравме да реагираме веднаш и да преземеме конкретни активности. Реформата на комплексен систем како што е судството, бара упорност, храброст и поддршка од сите сектори на општеството. Ние сме подготвени тоа да го направиме. Во овие 100 дена докажавме дека промената не само што е можна туку веќе е во тек. Ја поништивме одлуката на претходната Влада за десеткратно зголемување на Нотарската тарифа. Како резултат на средбите со неколку синдикални организации, пристапивме кон изработка на нов Закон за судска служба. Пристапивме кон завршување на деценискиот процес за кодификацијата на граѓанското законодавство. Одржавме јавни расправи за Законот за кривична постапка за понатамошно модернизирање и рационализирање на нашите правни процеси, по што ќе се пушти во владината процедура. Остваривме голем број средби со амбасадори, претставници на професионалните комори, домашни и странски експерти, граѓански организации, но и синдикални организации. Секоја од средбите резултираше со нова идеја, иницијатива и идна соработка,” потенцира Филков.
Министерот соопшти и дека после 8 години, Комората на вештаци конечно стана функционална и извршен е упис во Централен регистар.
„Формиравме 16 професионални одделенија, назначени се нивни раководители и заменик раководители. На 25.09.2024 година, беше одржана седница на Основачкото собрание на Комората на вештаци. На седницата на основачкото собрание беа избрани органите на комората и донесени основачките акти на комората.
Функционалната Комора на вештаци претставува клучен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за контрола и поддршка на вештаците во Македонија. Комората ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештаците, со што ќе се обезбеди дека тие работат според професионални и етички стандарди. Ова, пак ќе ја зголеми довербата во правосудниот систем и ќе придонесе кон фер и објективни правни постапки”, рече министерот за правда Игор Филков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.