На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ. Предлозите се доставени до Владата, која на седница треба да донесе одлука и да ги проследи предлозите на мислење до Советот на јавните обвинители.

Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.

На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му истекува на 25 декември, а со оглед на законските рокови според кои пријавените кандидати ќе треба да го поминат филтерот на Советот на јавните обвинители, за што имаат рок од 15 дена да дадат позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење, Советот на јавни обвинители неделава ќе треба да именува вршител на должност државен јавен обвинител.

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.

Листата со кандидати се доставува до Советот на јавни обвинители, којшто во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето треба да достави до Владата образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон. Потоа, Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.

Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рокот не достави мислење до Владата тој (рокот) се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок, Советот на јавни обвинители не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата на Република Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.