Заменик aмбасадорoт во делегација на ЕУ во Скопје, Џулијан Васало во врска со отворањето на вториот бугарски културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид денеска порача дека ЕУ не се занимава со историјата.

Знаеме дека кога првиот клуб беше отворен тоа предизвика реакции во земјата. Знаеме дека Македонија и Бугарија дискутираат меѓу себе за историјата. ЕУ не се занимава со историјата. Ние ја ставаме историјата зад себе и одиме напред. Во ЕУ сакаме да гледаме напред, а не да гледаме на работите од минатото“, рече Васало на брифинг со новинарите на прашање како ЕУ го коментира отворањето на бугарските културни центри и нивните имиња.

Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

На 7 октомври е најавено отворањето на вториот културен центар во Охрид. Тој ќе го носи името „Цар Борис Трети“, кој е бугарски цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Во однос на уставните измени, односно внесување на Бугарите во Преамбулата, кои се потребни за Македонија да започне со отворање на поглавјата на патот кон членството во ЕУ, Васало рече дека се работи за суверена одлука на државата, но Македонија се обврзала дека тоа ќе го спроведе. Тој додаде дека се во постојан контакт со опозицијата и со ВМРО-ДПМНЕ која, како што рече, го поддржува европскиот пат на земјата.

Во одреден момент ќе треба да преземат одговорност ако сакаат да ја видат земјата на тој пат“, посочи Васало и притоа повика на лидерство од опозицијата.

На прашањето дали во земјава има влијанија од Истокот, Васало одговори потврдно.

Имате една политичка партија во парламентот која е отворено проруска и која ја поддржа руската инвазија во Украина и има одредени медиуми кои шират дезинформации за тоа што се случува во Украина и Русија“, додаде Васало.

Заменикот евроамбасадор информираше за скрининг процесот со ЕУ и што следи по неговото завршување. Според него, процесот се состои од објаснувачки и билатерален скрининг, кој нема за цел само да покаже до каде е земјата во нејзината подготвеност за членство во ЕУ, туку и Владата треба да презентира во детали што досега е направено и што планира да направи.

Во однос на наредниот извештај за напредокот на земјава кон членството во ЕУ, што треба да се објави овој месец, тој посочи дека очекува полоши оценки за правосудството. Васало информираше и дека очекува во наредните недели да се потпише Договорот со Фронтекс на македонски јазик без никакви фусноти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.