Денеска во Владата на Република Македонија, прес конференција одржа претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и со комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.

„Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од Европската Унија, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции, за динамичен преговарачки процес и членство во Европската Унија. Имаме уверување од Европската унија дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Македонија“, соопшти премиерот Ковачевски.

Република Македонија, како што посочи премиерот Ковачевски, практикува европски вредности и немаме сомнеж дека одиме по исправниот, европски пат.

„Сета работа на Владата е поставена на линија на европската агенда и колку и да звучи амбициозно, јас и сите ние во Владата, веруваме дека Република Македонија во моментов има политички капацитети коишто можат да придонесат, по успешно завршениот скрининг процес во ноември, со динамично темпо да влеземе во преговарачкиот процес и до 2030 година да станеме членка на ЕУ“, додаде премиерот Ковачевски.

На состанокот, како што рече премиерот, поздравен е силниот фокус на Владата кон реформите и усогласувањето на законите и праксите со европските стандарди, како и кон добрососедските односи во духот на европските вредности.

„Поздравени се и политиките на добрососедство, што ги водиме преку зрел и одговорен пристап, базиран на меѓусебно почитување и дијалог, со отфрлување на популизмот како штетник на овие искрени намери и провоциран од трети страни кои немаат добри намери за европерспективите на Западен Балкан“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата Ковачевски нагласи дека Владата е подготвена да работи заедно со европските партнери на унапредување на социјалните и економските реформи и на опиплив напредок во владеењето на правото.

„На состанокот се согласивме дека во делот на правото мора да има независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судските авторитети и затоа заеднички ги охрабруваме правосудните органи за видлив напредок на овој план, што е очекување и потреба пред се на граѓаните на нашата држава“, порача премиерот Ковачевски.

На прес конференцијата се обратија и европските претставници.

Високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, на прес конференцијата рече дека иднината на Република Македонија е во Европската Унија, дека е клучно е да државата да не се враќа назад, туку да се продолжи со усвојувањето на реформите, како и да се создадат услови да се усвојат уставните амандмани. Потребно е сите политички партии да ги преземат своите обврски и искрено да работат во оваа насока, порача европскиот претставник Борел.

Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, нагласи дека за Европската Унија е важно да има сигурни сојузници како што е Република Македонија и се придружи на пораката дека местото на нашата држава е во Унијата. Од наша страна ние сме подготвени, ни треба Македонија, рече еврокомесарот Вархеји, нагласувајки дека – како од Владата, така и во Парламентот денеска очекуваат да слушнат дека нема нешто што ги кочи неопходните реформи за пристап на нашата држава во Европската Унија.

Во одговорите на новинарски прашања премиерот Ковачевски посочи дека ваквите стратешки прашања, како што се евроинтеграциите, не смее да се дел од дневната политика, за да се овозможи членството на Македонија во Европската Унија. Високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Борел, оцени дека Република Македонија веќе е мултиетничка држава и измената на Уставот само ќе ги унапреди уставните права, а со тоа и ќе се зачува идентитетот и ќе се продолжи напред по евроинтеграцискиот пат.

Прес конференцијата на премиерот Ковачевски, со високите европски претставници Борел и Вархеји се одржа по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација, денеска во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.