Со новото упатство за измена на изводите од матичната книга на родени, венчани и починати, Министерството за правда има за цел да се справи со проблемот со лажните декларирања на етничката припадност при вработување. Министерот Кренар Лога во понеделник ќе го потпише новото упатство. Тој претходно за Алсат го потврди ова, додавајќи дека нема потреба од други законски измени за да се избегне злоупотреба.
„Со ова ќе може да се докаже етничката припадност со официјален документ. За секоја можна злоупотреба на етничката припадност може да се отворат и кривични постапки за лажно пријавување. И странките во постапката (во случај на вработување) можат да поднесат претставка но и тужба за злоупотреба, во случај институцијата да избегне службени документи“, рече Лога.
Можноста граѓаните да се изјаснуваат за етничката припадност без да се има документ за потврда, остави простор за злоупотреба при вработување во државните институции. Во случаи кога балансерот пресметал дека во одредена институција, за да се постигне правична етничка застапеност, треба да се вработат лица од одредена етничка припадност, апликантите за тоа работно место лажно се декларираа дека имаат одредена етничка припадност за да се прилагодат на конкурсот. Со ова на местата резервирани за Албанци, Роми, Турци и сл., се вработуваа Македонци или обратно. Алсат информираше за десетици вакви случаи, а последен е оној со вработување на осум Македонци во општина Куманово, кои при вработувањето се изјасниле како Албанци. Поради ваквите манипулации, сомнителни се бројките за правична етничка застапеност што Народниот правобранител ги објавува секоја година, а кои покажуваат континуиран пораст на вработеноста на Албанците, Турците, Ромите и етничките малцинства во државните институции. Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу пред неколку недели за Алсат изјави дека не верува оти оваа злоупотреба е честа.
„Можеби имате име кое е прогласен како Албанец и може да е од друга националност или обратно, во овој поглед верувам дека овие бројки не се многу точни, не се бројки што ни даваат голема точност. Но, злоупотребата верувам, сакам да верувам, не е повеќе од, да речеме, 0,5%, туку помалку“, рече Алиу.
Балансерот како механизам за обезбедување правична етничка застапеност во институциите беше резултат на Охридскиот договор. Нејзините злоупотреби започнаа во последните години и решението беше ветувано неколку пати но досега не беше постигнато.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.