Политичкиот аналитичар Едвард Џозеф, кој во неодамнешна статија за Форејн полиси порача САД да ја повикаат Бугарија на одговорност поради двегодишната блокада за Македонија и Албанија, на Твитер реплицираше на отвореното писмо до македонската јавност на американската амбасадорка Кејт Брнз.
Џозеф, добар познавач на приликите на Балканот, е предавач по меѓународни студии на престижниот универзитет „Џон Хопкинс” во Вашингтон.
-До Македонците е да одлучат во демократска и транспарентна дебата дали предлогот за пристапување во ЕУ го штити нивното достоинство, безбедност и идентитет, порача тој.
Амбасадорката Брнз во отвореното писмо наведува дека САД се „сојузник, партнер и пријател” на Македонија. Џозеф повика САД да ги поткрепат своите добри намери со вистинска поддршка како „онаа што ја покажаа кон Македонците со признавањето на уставното име на земјата од страна на претседателот Џорџ Буш во 2004 година, во критичен момент и покрај забелешките на Грција”.
-Точно е дека овој предлог за пристапување во ЕУ го признава македонскиот јазик и идентитет, тогаш тоа треба да го направат и САД, вели Џозеф.
Според него, претседателот Џо Бајден треба да го афирмира македонскиот идентитет во Билатерална културна спогодба со преземен текст од Преспанскиот договор.
Во писмото на Брнз се сугерира дека Бугарија веќе го признала македонскиот идентитет „па затоа ако тоа е вистина тогаш Софија нема да има забелешки” како за тоа, така и за македонскиот јазик.
-САД само ќе го реафирмираат она за што Бугарија веќе се потпишала, наведува Џозеф.
Според него овој политички гест на САД ќе биде широко поддржан од етничките Македонци, Албанци во земјата.
-После се, САД го издејствуваа и Охридскиот договор, кој вклучува заштита на албанскиот идентитет, јазик и симболи како албанското знаме, вели тој.
Џозеф наведува дека колку и да изгледаат неразумни споровите за идентитетот, јазикот и историјата, тие обично прикриваат реални закани по безбедноста.
-Во позадина на тековната агресија на Владимир Путин во Украина е тврдењето дека таа земја и нејзиниот идентитет се „вештачки”, додава тој.
Џозеф вели дека „Бугарија и нејзиниот претседател Румен Радев се посрамотија со нивните навреди, провокации, барања – и закани – против помалиот сосед Македонија”.
-Интересите на САД и ЕУ се содржат во тоа соседите да решаваат вакви прашања преку дијалог и дебата меѓу експертите, како што е предвидено во Договорот за пријателство од 2017 година, кој Бугарија флагрантно го кршеше, наведува Џозеф
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.