Амбулантата во сопственост на Бехтел и Енка е затворена по вонреден инспекциски надзор на Здравствениот санитарен инспекторат. При увидот било констатирано дека поликлиниката „Санте плус 2“ без лиценца им дава медицински услуги на работниците на „Бехтел и Енка“.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека на 28 февруари годинава извршиле вонреден инспекциски надзор при што биле констатирани нерегуларности.
„Врз основа на констатираната состојба, Државниот санитарен и здравствен инспекторат издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност на ПЗУ Санте Плус 2 – поликлиника на примарно ниво, во просторијата лоцирана на ул. Илинденска бб во Гостивар, бидејки нема Решение за дозвола за вршење на здравствена дејност издадена од Министерство за здравство.Во моментот на надзорот затекната е медицинска опрема, лекови, потрошен медицински материјал и медицински отпад од извршени медицински интервенции ( инфузии, шприцеви…).“ – велат од ДЗСИ
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат појаснуваат дека директорката на Санте Плус била повикана да ја достави документацијата до инспекторите, но таа не се појавила.
Од Санте Плус 2 тврдат дека амбулантата воопшто и не постоела но и тврдат дека не би работеле на штета на било кој.
“Можеме да ви потврдиме дека Санте Плус нема отворенo подружница во Гостивар, па од тука не може да биде затворено нешто што не е отворено. Оваа фама е нечија игра за која се известени надлежните институции.” – велат од Санте Плус 2.
Бехтел и Енка е американско-турски конзорциум кој гради дел од автопатиштата во Македонија долж коридорите 8 и 10Д, за овој конзорциум се плетата низа скандали во директна корелација со Владата на Македонија. Пред десет месеци Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за набавката на преговарач и надзор за изведбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, за кои веќе беше одлучено да ги гради „Бехтел и Енка“.
Обвинителот, Ислам Абази пред некој ден на брифинг со новинарите кратко рече дека како обвинителство постапуваат во врска со предметот за надзорот над „Бехтел и Енка“.
Извор: ТВ24
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.