Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија во врска со лекувањето и третманот на починатото 6-годишно девојче Јана Христовска од село Кравари-Битола.
Согласно надлежностите ДСЗИ изврши увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма како и обезбеди изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето, при што ја констатира следната фактичка состојба:
– Детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023 г. околу 10,00 ч. без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал „итен упат“ со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10:07ч. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката и дала сируп Coalmacin. Ден пред прием е без покачена температура, со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете, по што мајката го прекинала сирупот.
Од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија –„Хипоглусал 1“ – 500 мл (250 мл 5% глукоза и 250 мл 0,9% натриум хлорид) и amp. Bedoxin. По добиените резултати, во 10:45 ч земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус, се наведува во соопштението на ДСЗИ.
„По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата.
Во меѓувреме детето прави срцев застој, по што е направена реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти-педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од Одделот за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот-анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин) во 13.34 ч и во 13.49 ч. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 ч детето е пренесено во службата за интензивно лекување КАРИЛ, каде што е направена кардио-пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20 ч“, се вели во соопштението на ДСЗИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.