Безбедноста на нашите граѓани, на државата и на светот во крајна инстанца е важна, најважна, особено во ова време на напредни технологии, софистицирани методи на разузнавање и ако сакате, современи начини на војување. Сепак, тоа во ниту еден момент не смее да биде алиби за нарушување на основните човекови права и демократското владеење и надзор, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на Годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Македонија (2021-2026), организирана од женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ).
Потребни сме си едни на други, затоа што сега, како полноправна земја членка на НАТО, неопходно е да бидеме рамноправни и рамо до рамо со нашите партнери во НАТО сојузот. Во исто време, мораме да ги изградиме и нужните механизми за отчетност и напредок кон преговорите за членство во Европската унија. Затоа сме во овој реформски процес за демократско управување со разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Македонија, затоа што само реформирани институции кои имаат мандат да вршат надзор и контрола можат да придонесат значително во обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на граѓаните, пред се во државата и нејзините институции, рече Џафери.
Тој нагласи дека несомнено Собранието, како законодавен дом и заштитник на правата и слободите на граѓаните е местото, каде што тие неопходни процеси и заштитни механизми се ставаат во законска рамка, која е основата врз која се градат идните односи за безбедноста на граѓаните и државата.
Џафери напомена дека направени се законски измени во насока на реформскиот процес, кои се прилагодени на стандардите на Европската унија и НАТО, со кои се воведуваат одредени законски норми и стандарди за Собранието и впрочем за сите институции. Тој изрази и уверување дека со преземените мерки и активности согласно законските измени, ќе се обезбеди и зголемено ниво на отчетност од страна на сите чинители.
Демократското владеење и надзор е обврска на сите сегменти од општество и на целиот државен апарат. Секој треба да го даде својот максимум во своето работење, пристапувајќи на секое нерешено прашање со искрена намера за изнаоѓање на одржливо решение кое нема да служи само на политичкиот фактор на власт, туку ќе биде општо прифатено и почитувано подеднакво од сите. За тоа да биде така, секако дека решението треба да се разгледува инклузивно, со учество на сите политички субјекти и крајното решение да биде консензуално постигнато решение во склад со европските норми. Ова секако ќе се наметне како обврска и со отворањето на преговорите со Европската унија и првиот преговарачки кластер, односно Фундаменти, рече Џафери.
Според него, многу значаен сегмент е и подигнувањето на свеста на јавноста за правата и обврските кои ги имаат како рамноправни граѓани, а исклучително значајно е и следењето на спроведувањето на донесените законски решенија, затоа што најдобриот тест за квалитет на секој закон е неговата имплементација на терен.
Само тогаш се воочуваат празнините или недореченостите кои се несоодветно решени. Битна е целосната имплементација на легислативата. За Собранието е исклучително важен Законот за следење на комуникации, особено делот на парламентарниот надзор, техничките експерти и Советот за граѓански надзор кој што се уште не е активен токму поради недореченост на законското решение, истакна спикерот Џафери.
Џафери информира дека како резултат на стратешкото партнерство со ДЦАФ, Собранието има потпишано Меморандум за разбирање за спроведување на Проектот „Развивање на парламентарен и независен надзор“, како дел од пошироката „Програма за реформи во разузнавачкиот сектор во Република Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.