Пред дваесет и две години на денешен ден е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Во рамки на одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по втор пат ја организира Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ (ПФД) со над 80 учесници викендов во Маврово, а вечер кај споменикот на Скендер Бег во Старата чаршија ќе се одржи фестивал на мирот.

Премиерот Димитар Ковачевски, во објава за годишнината од Охридскиот рамковен договор на својот Фејсбук, напиша дека тој овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите.

Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности. Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди, објави Ковачевски.

Македонија, пишува Ковачевски, денес е членка на НАТО, со цврсто втемелен и меѓународно признат македонски јазик и култура, која цврсто чекори со визијата што поскоро да стане дел од европското семејство на народи, каде и припаѓа.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети денеска, по повод 22-годишнината на Охридскиот рамковен договор, упати порака во која повикува, како што е наведено, на единство и обединување околу европскиот фронт.

Денес сме дел од евро-американската алијанса, во НАТО сме. Градиме автопати и со Албанија и со Косово, со регионот во кој исто така ги обединуваме границите. Ги отворивме преговорите за членство со ЕУ и го привршуваме скринингот. За да го завршиме процесот на еднаквост и интеграција, мора да го направиме последниот чекор од уставните измени. За големите одлуки е потребна храброст, а не калкулација, потребна е визија, а не кратковидост, потребна е склоност и неприкривање, не се осмелуваме да ја изгубиме шансата и да ја згаснеме надежта на граѓаните за европска држава и поредок. Работите никогаш не се завршени исто како што нашите задачи никогаш не се завршени. Потребна е нашата секојдневна посветеност да ги усогласиме нашите стандарди со европските, затоа не застануваме, туку се обновуваме во секој предизвик и се соочуваме со него, наведува Ахмети во пораката.

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, објави дека потпишувањето на Охридскиот мировен договор пред 22 години отвори ново поглавје за развојот на земјата, поставувајќи ги темелите на мирот и внатрешната кохезија, еднаквост и консензуална демократија.

Над скептицизмот, мајоризацијата, постојаните тенденции на девалвација на неговите мирољубиви цели, триумфираше цврстата волја да се урнат бариерите на предрасудите и дискриминацијата, волјата да ја изградиме иднината заедно преку почитување на меѓусебните идентитетски вредности, напиша на својот фејсбук профил Груби.

Според него, влијанието што овој мировен договор го имаше врз развојот на земјата во текот на изминатите две децении е неспорно и јасно видливо во однос на внатрешната демократска консолидација, интеграцијата во НАТО и европската перспектива на земјата, „достигнувања околу кои овој договор не соедини“.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Комитетот за односи меѓу заедниците денеска ќе одржи свечена седница по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за
политички систем и односи меѓу заедниците.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“. – Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците, се додава во документот. Потоа следуваат точки што се однесуваат на прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и имплементација.

Договорот содржи и три Анекси: А.Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.