Државниот завод за ревизија (ДЗР), по извршена ревизија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, јавно објавува дека изразиле мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

„ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за 2021 година. Со извршената ревизија за 2021 година изразивме мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Извршена е ревизија и издаден е извештај на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за 2020 година, при што е изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, наведено е во резимето на извештајот на ДЗР, кој е јавно достапен.

Понатака се вели дека со ревизијата било опфатено и спроведувањето на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2020 година, и било констатирано дека од вкупно осумнаесет препораки, само една е спроведена, додека спроведувањето на три препораки е во тек, а три препораки имаат статус на делумно спроведени. Единаесет препораки воопшто не биле спроведени, објавува ДЗР.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година, ревизијата утврдила дека:

– Системот на внатрешни контроли во процесот на остварување на правата од ПИО и процесот на исплата на пензиските примања е уреден со повеќе поединечни интерни акти и процедури од кои дел не се ажурирани целосно согласно на електронскиот систем кој е во примена;

– Отсуствува целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесот поради недостиг на вработени, а воспоставените внатрешни контроли не секогаш го покриваат ризикот од комплетност на документацијата во електронското пензиско досие, точност и навременост во постапката.

Поради наведеното, смета ДЗР, постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО, како и ризик од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право.

Фондот се соочува со недостиг на потребните кадровски капацитети во делот на стручен и обучен кадар за актуарство поради што изостанува реализирање на активности за изготвување анализи за состојбите во пензискиот систем, недоволен е бројот на вработени во Секторот за ИТ, а внатрешната ревизија функционира без утврдениот законски минимум на потребен кадар.

Слабостите во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО.

Поради недобиени соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците, како и грешки при внесот од страна на други институции, на уплатната сметка наменета за прибирање средства од наплатен придонес за ПИО има нераспоредени средства кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО;

Недоволните механизми за присилна наплата на утврдените штети поради неоснована исплата на пензии за кои се евидентираат побарувања од граѓани, а нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства упатува на неизвесност за наплата на истите во наредниот период.

„Постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки. За констатираните состојби ревизијата даде препораки со цел да се надминат утврдените состојби во наредниот период“, наведува ДЗР.

Во делот на нагласување на прашања за неизвесност и континуитет ревизијата обелоденува за:

– Неповолна финансиска состојба во која се наоѓа друштвото за угостителство, одмор и рекреација на пензионери Борец во Битола, чиј основач е Фондот

– Судските постапки во кои Фондот е тужена страна односно тужител и

– Состојбата на неосновано повлечени средства од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија, како и активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налози за извршување.

Во делот на останати прашања, ДЗР известува за:

– Структурата и нивото на остварени приходи во известувачкиот период дефицитот во исплатата на пензиските примања, како и неизвесностите по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните движења и неповолните демографски движења;

– воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес кој не се базира на целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци од институциите, што влијае на комплетноста на приходите, како и на ликвидноста на Фондот и одржливоста на пензискиот систем;

– Неплатениот придонес од 2009 година наваму за кој Фондот нема целосно точни информации поради несинхронизираност, неажурност и непотполност на податоците од различни институции

– Најголем дел од побарувањата за неплатен придонес кои заклучно со 2008 година се од неактивни обврзници или обврзници за кои е покрената стечајна постапка и за истите постои неизвесност за наплата.

„Од страна на раководството и поранешниот директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување доставени се забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор, истите се разгледани и е констатирано дека една забелешка се прифаќа, една забелешка е делумно прифатена и две забелешки не се прифатени, а останатите преставуваат известување и образложение за констатираните состојби и преземени мерки или мерки кои ќе бидат преземени во идниот период“, објавува Државниот завод за ревизија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.