Пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци, рече Дрин Ахмети, еден од сопствениците на ТЦ Соравиа во центарот на Скопје и внук на првиот човек на ДУИ Али Ахмети, откако полицијата во неговиот џип пронајде 749 пиротехнички средства. Инаку, во Македонија е забрането продавањето на пиротехнички средства.
Според Кривичниот законик држењето и набавката на распрскувачки материи е кривично дело. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека сега случајот е кај Јавното обвинителство. А таму е Ислам Абази, шеф на ОЈО за организиран криминал и корупција и семеен пријател на семејството Ахмети.
Ако предмет на делото е поголемо количество на распрскувачки материи наменети за дозволени забавни, свeчени и други активности, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години, пишува во Кривичниот законик. А ако случајот се третира само како прекршок, според Законот за прекршувања на јавниот ред и мир, за употреба на пиротехнички средства казната е од 100 до 250 евра.
Дрин Ахмети беше уапсен еден ден пред Нова година во близина на Старата скопска чаршија при што тигрите пронашле 749 парчиња пиротехнички средства.
Од обвинителството велат дека го чекаат вештањето на запленетите пиротехнички средства од џипот со албански регистрации на внукот на Али Ахмети, Дрин, па дури потоа ќе цени дали има доволно елементи за кривична одговорност или ќе помине со прекршочна казна.
Кога беше објавено дека Дрин Ахмети стана сосопственик на трговскиот центар Соравиа (39% од сопственоста), од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираа дека отвориле предмет за овој случај. Toa беше во септември, кога вештиот претприемач Дрин Ахмети со 0 денари стана сопственик на 39% од Соравиа. Тогаш 24-годишниот Дрин Ахмети негираше дека неговиот чичко Али Ахмети имал влијание во неговиот бизнис.
А бизнис имал и со ЕЛЕМ. На два тендери на ЕЛЕМ фирмите на Дрин Ахмети добиле 5.310.000 денари за набавка на доломитски или калциски сепариран варовник.
Неговите фирми имале и иновации доволно добри да бидат финансирани и од Фондот за иновации и технолошки развој. А тука директор е Фестим Халили, кадар на ДУИ. Од ФИТР фирмите на младиот Ахмети добиле безмалку 80 илјади евра.
„Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети ѝ помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата“, изјави во септември Дрин Ахмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.