Денеска во просториите на Министерството за внатрешни работи од Претставништвото на УНХЦР, Високиот комесаријат за бегалци при ОН, беше извршено предавање на донација на компјутери, што се состои од 46 компјутери (41 персонален компјутер и 5 лаптоп-компјутери) за потребите на Граничната полиција, во вредност од 2,5 милиони денари. На церемонијата на примопредавање на донацијата се обратија министерот Оливер Спасовски и Претставничката на УНХЦР во земјава Моника Сандри.

Благодарни сме на континуираната поддршка што УНХЦР, Агенцијата за бегалци при ОН, како наш стратешки партнер, ни ја дава во справувањето со мешаните миграциски движења, особено во делот на заштитата на човековите права и слободи, заштитата на ранливите категории лица и лицата под меѓународна заштита, како и во процесите на хармонизација на националните закони со легислативата на ЕУ, на ефективната заштита на лицата кои имаат таква потреба, но и преку континуираните обуки на полициските службеници и јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи во целина“, истакна министерот Спасовски.

Претставничката на УНХЦР Сандри потенцираше дека УНХЦР им помага на државите и партнерите да развијат ефикасни системи за азил и за управување со миграциите кои ги земаат предвид потребите за заштита на лицата во движење.

Граничната полиција, како државна служба која е прва во контакт со лицата во движење, мора да биде опремена за да ги идентификува лицата кои би можеле да имаат потреба од меѓународна заштита. Со оваа донација се зајакнува дигиталниот институционален капацитет за регистрирање на лицата кои се дел од мешани движења, вклучувајќи баратели на азил, како и олеснување на учеството на граничната полиција во онлајн обуки и средби, кои ќе имаат за цел подобрување на заштитата на лицата на кои им служиме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.