Делегација на зелената партија ДОМ во состав Маја Морачанин и Христа Најданов, учествуваа на Округла маса на Зелените од Централна и Југоисточна Европа, која се одржа на 31 мај и 1 јуни, во Виена.

На собирот, тие ги презентираа малите урбани шуми засадени во Скопје и Битола, по методот на јапонскиот професор Мијаваки. Ова се први урбани шуми од овој тип на Балканот. Методот на Мијаваки предвидува засадување разни сорти на автохтони дрвја, на мала површина на земја. Овие шуми значително побрзо растат, повеќе го зголемуваат биодиверзитетот и се погусти од шумите засадени на класичен начин.
Малите урбани шуми го подобруваат здравјето и квалитетот на живот на луѓето, ја зголемуваат абсорбцијата на CO2 и ги ублажуваат климатските промени. Тие ги намалуваат: деградацијата на почвата, опасноста од поплави, загадувањето на воздухот и загадувањето од бучава, температурата во градовите, како и ефектот на урбаните топлотни острови.
На панел дискусијата” Зелена акција во Централна и Југоисточна Европа”,  Морачанин истакна дека на барање на ДОМ, принципите на Европскиот Зелен договор се внесени во Програмата на Владата, со што се создаде основа за зелена трансформација на македонското општество. Таа потенцираше дека во изминатиот период значително е зголемено производството на струја од обновливи извори на енергија, пред се’ од сонце и ветер. Изрази задоволство што неодамна Собранието го усвои Законот за задруги кој овозможува граѓаните да се здружуваат и да формираат енергетски задруги. Тоа ќе придонесе за поголемо искористување на сончевата енергија од страна на граѓаните, што позитивно ќе влијае на животната средина и климата, како и на финансиската состојба на домаќинствата. ДОМ инсистира на развој на енергетската демократија, за граѓаните наместо само потрошувачи да станат и производители на електрична енергија. Така, употребата на сончевата енергија нема да биде само извор за профит на големите компании, туку придобивките ќе ги користат директно граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.