Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски вечерва во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија во однос на случувањата во јавното здравство со промена на директорот на Клиниката за Државна кардиохирургија д-р Сашко Јовев и изјавите за злоупотреба од негова страна, потенцираше дека зборот злоупотреба е сериозно обвинување, не е потребно да знае претседател на политичка партија, а доколку постои евентуална злоупотреба се реферира пред надлежни државни органи и се покренува постапка.

„Мислам дека на оваа ад-хок смена претходно претходеше смена во Клиниката за очни болести, исто така мислам дека е направена смена и на Неврологија, а ова е трета или четврта смена. За тоа ќе си даде известување ресорниот министер, она што јас лично сметам што го видов од медиумите дека овде се работи, ова е техничко прашање и недоразбирање на лична основа помеѓу два авторитети, од коишто едниот покажува на другиот кој е кој, но како и да е мислам дека имаат можност да ја исправат и коригираат оваа работа. Јас ќе споделам со јавноста едно мое искуство како млад градоначалник пред некаде 4 години каде требаше да вршам избор на нови директори во најголемите средни училишта во градот, тоа се техничкото, економското и гимназијата „Гоце Делчев“. Направив анкетирање на вработените и врз база на тоа рангирање од самите вработени ги избрав и менаџерите на двете најголеми училишта кои се исклучително успешни менаџери денеска, нека ја применат таа пракса, бидејќи за да менаџирате со една клиника првенствено треба да бидете и авторитет пред своите вработени. Неминовно е дека видовме дека веќе сменетиот директор има поддршка, не само од пациентите, туку и од своите вработени. Го доживуваат како авторитет, на крајот на краиштата државата вложува свои средства во работата и едукацијата на лекарите и нивната основна намена е да не лекуваат“, рече Димитриевски.

Во гостувањето на „Само вистина“, Димитриевски посочи дека целиот наш здравствен систем е потребно да преживее сериозни реформи, клиниките мора да имаат интегриран систем на управување.

„Не може сега ние да имаме толкав број на директори на клиники кадешто секој ќе се однесува како кападахија во делот кадешто менаџира. Потребно е системот да биде интегриран, едни од други да бидат зависни, но системот да биде оперативен и функционален за пациентите коишто доаѓаат да им пружите услуга, бидејќи државата пред сѐ покрај вашиот лично вложен труд вложува во вас, во специјализации, дообразование итн, а нашиот здравствен систем за жал е еродиран. Ветувам дека еден ден кога ќе добиеме можност да ја практикуваме власта и да бидеме носители на власта во државата со новиот политички субјект којшто го најавивме ќе изградиме и Клинички центар и дополнително ќе спроведеме сериозна реформа во здравството. Не да се организира по потреби на политичките субјекти, бидејќи ова е прекусурување или распределба на местата помеѓу партиските партнери внатре во власта, туку ќе бидат исклучиво ангажирани луѓе кои професионално ќе се занимаваат со таа работа. Погледнете го приватното здравство и кој всушност приватното здравство го менаџира? Го менаџираат луѓе коишто имаат широки познавања од здравството, но не секогаш истите се лекари, туку се професионални менаџери. Кај нас, по потреба се отвора работно место врз база на потребите на политичката партија и субјект. Видете ја логиката на информирање на министерот, првично информирам кај партискиот шеф, а потоа кај шефовите кои се по структура над мене надредени. Тоа е недозволиво. Македонија мора да изгради професионален систем“, посочи Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.