Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска оствари средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија Нивес Тигањ.

На средбата, Димитриевски и Тигањ разговараа за односите помеѓу двете земји, но и за можностите и идните потенцијали со цел зајакнување и унапредување на соработката.

Во изјава за медиумите, градоначалникот Димитриевски истакна дека било разговарано на повеќе теми и посочи дека општина Куманово има одлична соработка со претставниците на хрватската заедница коишто живеат во оваа општина.

Ја информирав амбасадорката дека организираме голем број на културни манифестации кадешто и културно уметнички друштва од Република Хрватска земаат свое учество. Исто така, поразговаравме и на други теми поврзани со економијата и можностите за взаемна соработка. Оценивме дека нивото на соработките се одлични и ќе направиме сè да ги унапредуваме тие односи кои се традиционални. Република Хрватска е голем поддржувач на нашата држава за членство во Европската Унија, таа е реален пријател, и ова пријателство ќе продолжиме да го негуваме“, потенцираше Димитриевски.

Хрватската амбасадорка Тигањ информираше дека за првпат е во посета на Куманово, откако Димитриевски добил уште еден мандат за менаџирање на општината, кадешто му честитала за инзворедната победа и порака која ја испратил на сограѓаните и го запознала со сите активности помеѓу Северна Македонија и Република Хрватска.

Таа истакна дека Хрватска е поддржувач за европскиот пат на Северна Македонија и даваат поддршка во процесот на европска интеграција, конечно добивање на датум и одржување на прва меѓувладина конференција.

Оваа година, Хрватска и Македонија одбележуваат 30 години од воспоставување дипломатски односи, што ќе биде сјајна прилика да ја продлабочиме соработката, а за тоа постојат големи можности и потенцијали. Не само на државно ниво, туку и на градови и општини“, рече Тигањ.

Тигањ додаде дека Димитриевски детално ја информирал за состојбата во Куманово и импресионирана е од економијата, потенцијалот и плановите за инфраструктурни проекти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.