Македонскиот народ покажува капацитет во клучни моменти, важно е да е да се избере претседател и да се дефинира идниот состав во Парламентот, изјави по гласањето денеска во Куманово, претседателот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски. Тој го честиташе денешниот ден на граѓаните и однапред на оној кој ќе ја добие граѓанската поддршка. Во изјавата за медиумите, рече дека е важно да победи демократијата, граѓаните да бидат обединети и да имаат достоинствени претставници кои ќе се водат од народната волја.
– Најпрвин сакам да го честитам овој ден на сите. Македонскиот народ го повикувам да покаже капацитет како многу пати досега, масовно да излезе на избори, да избере претседател, да го дефинира идниот состав на парламентот. Воедно и сите граѓани на Македонија, посакувам успех однапред на тој којшто ќе ја добие граѓанската поддршка, а за Македонија, најбитно е сепак граѓаните по овие избори да бидат обединети и да имаат достоинствени претставници коишто ќе се водат од народната волја, а не од личен или партиски аспект. Очекувам денеска да победи демократијата, Македонија многу пати знаела во клучни моменти да одлучи, изјави Димитриевски.
Претседателот на ЗНАМ кажа дека има мирен ден и дека тогаш, праксата покажува дека има големи изненадувања.
– Според она како оди гласањето денеска мислам дека имаме мирен ден, а кога имате мирен ден вообичаено праксата покажува дека има големи изненадувања. Очекувам граѓаните да изненадат денеска на избори, рече Димитриевски.
Одговарајќи на новинарски прашања дека има тивок бојкот од ДУИ, тој посочи дека на државата и е потребна политичка стабилност и граѓаните веќе се определени. Димитриевски рече дека очекува дополнителна поткрепа за третата политичка сила.
– Па искрено осудувам бојкоти тоа се веќе видени сценарија коишто не и носат добро на Македонија, најбитно е Македонија да има политичка стабилност, не ни е потребна дополнителна дестабилизација на политичко ниво. Народот и граѓаните се веќе определени и никој не може да ја смени нивната волја, факт е дека на овие избори се дефинираат и нови политички опции и очекувам дека денеска тоа ќе го биде потврдено со дополнителна поткрепа на третата политичка сила, рече Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.