Судиите денеска гласаат на избори за нов член на Судскиот совет од редот на судиите кои се припадници на заедниците што се помалку од 20 проценти од населението, а единствен кандидат е судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје.
Според Законот за Судскиот совет, за избор на нов член не е потребен цензус од вкупниот број на избирачи, па се очекува денеска судијката Бектовиќ да биде избрана без разлика колку судии ќе го искористат избирачкото право.
Овој дел од законот е многу спорен затоа што за член на Советот може да се избере судија што добил само еден глас, па дури и ако тој глас е од самиот себеси. Неговата промена е дел од препораките на оценската мисија на ЕУ која лани ја скенираше состојбата во Судскиот совет и препорача повеќе законски измени со кои ќе се унапреди неговата работа.
Резултатите од гласањето ќе бидат објавени денеска во 18.30 часот.
Шансите се големи судијката Бектовиќ да го замени членот на Советот, Сашко Георгиев, кому на 11 септември му завршува шестгодишниот мандат и кој лани неколку месеци беше претседател на Советот, откако мнозинството на скандалозен начин и без законска основа ја разреши дотогашната претседателка Весна Дамева, која, пак, откако го тужеше Советот пред Управниот суд и победи во процесот, се врати на претседателската функција.
Судијката Бектовиќ во моментов го суди предметот за измами со спортски ваучери во кој обвинети се поранешни директори на Агенцијата за млади и спорт, а првообвинет е поранешниот пратеник од СДСМ и партиски портпарол Дарко Каевски. Со изборот на Бектовиќ за член на Судскиот совет, ова судење ќе почне од почеток.
Судијката Бектовиќ ѝ е позната на јавноста по првото судење за предметот „Трезор“ за незаконска набавка на опрема за следење од Велика Британија, со која државниот буџет е оштетен за милион евра. На ова судење Бектовиќ во април 2021 година го осуди првообвинетиот во предметот, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на осум години затвор, шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ на по пет години, а поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски на 15 години затвор.
Во ноември 2022 година Апелацискиот суд Скопје ја укина оваа пресуда, по што лани во февруари судењето почна од почеток. Во февруари оваа година Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за „Трезор“, откако утврди дека Обвинителството не успеало да докаже ниту една од претпоставките кои ги ставаше на товар на обвинетите.
Застапник на ова обвинение беше ЈО за гонење на организиран криминал и корупција, кое предметот го презеде од некогашното Специјално јавно обвинителство.
Судијката Бектовиќ го судеше и предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување на граѓаните, каде обвинетите добија вкупно 55 години затвор, односно Сашо Мијалков доби 12 години, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска – 4 години, Горан Грујевски и Никола Бошковски по 15 години итн. И оваа пресуда падна на Апелација, како што објасни Судот, поради сторени суштествени повреди на одредби на постапката од Законот за кривична постапка, како и повреди на кои Судот внимава по службена должност, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право.
Овој предмет се врати на повторно судење, а лани во октомври застаре во делот за незаконското прислушување заради измените на Кривичниот законик. Се очекува да застаре и во делот за уништувањето на опремата за прислушување.
По застарувањето имаше огромни реакции во јавноста дека Апелација намерно го држела во фиока предметот девет месеци со цел да настапи застареност, а со слични оценки излегоа и членовите на Судскиот совет, по што формираа комисија која требаше да утврди дали судиите во Апелацискиот суд намерно го одоловлекувале предметот за да застари. Оваа комисија потоа извести дека судиите во Апелација постапувале законски и не го застареле предметот намерно.
Судскиот совет на денешните избори ќе добие трет нов член, откако на претходните избори во јуни судиите ги избраа Исамедин Лимани и Александар Камбовски, првиот од редот на врховните судии, а вториот од апелациското подрачје Битола.
Лимани е избран на местото на Наќе Георгиев, кој, пак, неодамна доби три години затвор откако беше фатен на дело и призна дека зел поткуп од 15.000 евра за да влијае во предметот во кој политичарот Боро Марлборо е обвинет за трговија со дрога! Георгиев лани беше избран за член на Судскиот совет, но не ја даде свечената заклетва, односно се откажа од функцијата и се врати во Врховниот суд за да може неговиот син да биде избран за судија, затоа што законот спречува за судија да биде избран некој кој има роднина од прв ред во Советот. По скандалозното признание за поткуп, Судскиот совет на итна седница го разреши Георгиев од судиската функција.
Судскиот совет во последно време е во фокусот на јавноста по бројните скандали и спорни постапки, заради кои премиерот Христијан Мицкоски најави негово целосно распуштање. Премиерот го смета Советот за одговорен за ниската доверба на граѓаните во правосудството и во август ги покани експертите со него да споделат идеи за поинаков начин за враќање на довербата, затоа што во јавноста имаше реакции дека распуштањето на целиот Судски совет, кој е независно колективно тело, е директно мешање на извршната во судската власт. Доколку наскоро не добие поинакви предлози, премиерот Мицкоски најави дека ќе започне поинтензивно да работи на создавање услови за распуштање на Судскиот совет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.