Професорката по уставно право и политички систем, Рената Дескоска која е и поранешна министерка за правда, смета дека одлуката на Уставниот суд да го преиспитува новото Упатство за матични книги во кое има графа за националност, а кое го потпиша новиот министер за правда, Кренар Лога, е добра вест и таа очекува тоа да биде поништено.

Професорката објаснува дека сензитивните податоци за етничката припадност, религијата, политичката припадност, сексуалната ориентација не смеат да се најдат во документ, туку само во матичната книга, затоа што Македонија е потписник на неколку меѓународни документи за заштита на податоците.

Етничката припадност спаѓа во групата на „сензитивни“ податоци кои подлежат на посебна заштита согласно правилата за заштита на лични податоци. Други такви податоци се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и Протоколот за нејзина измена со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој Протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас, пишува Дескоска.

 

Професорката сметка дека според уставните одредби, меѓународните договори што се ратификувани согласно со уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, а уште помалку со упатство.

Значи нашиот устав ги става меѓународните договори под уставот, но над законите. Согласно ова, јас очекував дека надлежното министерство ќе предложи измена на Законот за матична евиденција, заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот. Ова што се случува во моментот е ретрограден процес и непочитување на меѓународните обврски кои сме ги презеле како држава.
Законот за матична евиденција, кој е донесен во 1995 година предвидува во матичната книга да се води податок за националност на родителите. Првото упатство за примена на законот е донесено во 2010 година и со него е предвидено во матичната книга да се води графа за националност, но во образецот за извод од матичната книга не е предвидена оваа графа. Со тоа законот е испочитуван, без да се споделуваат сензитивни податоци пред поширок круг на луѓе, каде ќе се користи изводот. Изгледа дека во 2010, тогашниот министер имал повеќе сенс за меѓународните трендови на заштита на човековите права, од денес во 2023 година. Значи со упатството од 2010 кое е изменето и дополнето во 2015 година, беше предвидено решение, законската одредба да се примени на матичната книга, а со оглед на тоа што законот не предвидува што содржи изводот, во изводот кој е во поширока употреба, да не се споделуваат сензитивни податоци, како што е етничката припадност.
Исто така сакам да потсетам дека ние сме и потписник на Рамковната конвенција за национални малцинства и нашето Собрание ја има ратификувано во 1997 година. Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за национални малцинства, го критикува задолжителното назначување на етничката припадност во личните документи, или во внатрешните записи кои ги води администрацијата, вклучувајќи ја полицијата и здравствените власти, како спротивни на правото на самоидентификација и тоа може да се прочита во нивните толкувања на Конвенцијата, вели таа.

 

Ова доаѓа откако министерот за правда Кренар Лога на крајот на мај го потпиша упатството за измена на изводите од матичната книга на родени, венчани и починати во кои веќе се наоѓа и изјаснувањето по етничката припадност. Објаснувањето на Лога тогаш беше дека на овој начин Министерството за правда сака да му стави крај на проблемот со лажните декларирања на етничката припадност при вработување и злоупотреба на балансерот за правична етничка застапеност во одредени институции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.