Од 1991 година до денес немало ниту една жена на трите највисоки функции на државните органи, претседател на Собранието, на Државата или на Владата, ова беше главната забелешка на жените на ДД, кои синоќа се собраа во Скопје за да разговараат како да се дојде до нивна достоинствена застапеност во донесување одлука.
На панелот се посочи дека Законот за еднаквите можности за жените во Македонија од 2012 година не се спроведува во пракса, а дискриминација врз основа на пол, според нив, е секоја промена, исклучок или ограничување врз основа на пол, што има цел да ги попречи препознавањето, реализацијата или остварувањето на основните човекови права и слободи засновани на еднаквост на жените и мажите во политиката, во економските, социјалните, културните и граѓанските или во други полиња, беше речено на панел-дискусијата.
Жените годинава се подобро застапени на глобално ниво, во Европскиот парламент со 39,5 отсто, а африканската држава Руанда е понапредна од Македонија, со 61 отсто застапеност на жените во политиката.
Според податоците што ги презентира професороката по право Џихан Ахмед, во последните години имало зголемување на процентот на пратенички во целиот свет воопшто. На глобално ниво Руанда има најголем процент на пратенички (61 %), а потоа следуваат Куба и Боливија (53 %). Во Европскиот парламент жените сочинуваат 39,5 % од пратениците.
Пратеничката Мерита Коџаџику направи сублимација на застапеноста на жените во текот на децениите и даде ветување дека жените под раководство на Демократското движење ќе ја направат големата промена со 50/50 проценти застапеност на сите нивоа на управување со државата.
Калтрина Зеколи, декан на Правниот факултет на УМТ, ги цитира зборовите на Маргарет Тачер, која рекла дека „секоја жена што ги разбира проблемите со кои се соочува една куќа и ги решава, многу полесно може да ги реши проблемите на државата“ додавајќи дека родовата еднаквост во јавниот живот е глобален предизвик.
Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, пак, рече дека знаеме оти во минатото присуството на жените во политиката било многу мало, особено во албанскиот табор. „Законот предвидува дека во законодавството, поточно во парламентот и во советите на општините, 40 отсто да се жени. Но, како во Собранието така и во општинските совети се гледа дека присуството е прилично мало. Затоа дојдовме до заклучок дека не само во законодавната власт да биде 40 % туку и во извршната, што подразбира министри, заменик-министри, државни секретари, зошто да не и градоначалници. Значи, жените досега покажаа дека знаат добро да водат во институции, помалку се корумпирани. Бидејќи политичка сила е извршната власт, идејата што доаѓа од Демократското движење е за промена и на Законот за Владата и таму таксативно да се забележи дека 40 проценти треба да бидат министерки, државни секретарки, директорки“, рече Меџити.
Нермине Хамиди од ДД рече дека додека не се вклучила во политиката, го мразела фактот што нема позиции што жените ги заслужуваат во политиката и лидерството.
„Често работев на разни проекти и тие сведочеа за дискриминацијата на жените во политичките партии во РСМ. Сѐ додека, конечно, не наидов на подготвеноста на идеологијата на ДД за да се работи со конкретни чекори во позиционирањето на жената во одлучувањето, на извршните позиции, во процесот на креирање политики и не само во површниот медиумски маркетинг што лидерите го прават со жените“, изјави Хамиди.
Во панел-дискусијата беше речено дека во 1990, 1994 и во 1998 година застапеноста на жените во Собранието била меѓу 3 и 8 проценти. Собранието денеска има 32 отсто пратенички, но застапеноста во Владата е ниска, со помалку од 20 отсто министерки, каде што жените Албанки не учествуваат бидејќи албанските партии не им ги доверуваат министерските функциите на ниедна жена Албанка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.