Со гласањето против донесување на Законот за борба против тешките oблици на оргaнизиран криминал и висока корупција на Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија во Собранието, СДСМ и ДУИ во суштина ја блокират борбата против криминалот што го прават функционери, велат од Демократскиот сојуз.
Двете владеачки партии, како што наведуваат од партијата на Павле Трајанов, на овој начин спречуваат да се формира независна институција – Агенција за борба против криминалот, надвор од политички, партиски и коруптивни влијанија.
Оваа Агенција треба да го открива криминалот и високата корупција, да го детектира скриениот имот на функционерите во државата и во странство, да предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување.
Во законот се вградени системски решенија кои ја гарантираат независноста на Агенцијата. Со Агенцијата ќе раководи директор кој ќе го поставува борд составен од кадри со висок интегритет и кредибилитет, а во неа ќе работат професионалци кои ќе имаат посебни права и овластувања.
„Криминалот ги разорува институциите и државата во целина, го загрозува правниот поредок и правната сигурност, ги осиромашува граѓаните, поради што младите заминуваат во странство. Без реформи на системот за откривање и сузбивање на корупцијата, како и без коренити реформи на правосудниот систем, се оддалечуваме од ЕУ и од европските вредности. Партиите што ги кочат реформите за поефикасна борба против високата корупција, во суштина се против полноправно членство на Македонија во Европската Унија“, велат од Демократскиот сојуз.
Партијата нагласува дека за шест години не е спроведена ниту една реформа и затоа имаме криминализација на државата и целосен колапс на државните институции. Инаку, како што се додава, најопасен е институционалниот криминал кој и деновиве се одвива пред очите на јавноста со измена на девет закони со кои треба да се покријат коруптивните елементи на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со „Бехтел и Енка“.
Инаку, Законот за борба против тешките oблици на оргaнизиран криминал и висока корупција е во согласност со Уставот, со Законот за кривична постапка и со меѓународните договори и не е во колизија со други закони. Со него се обезбедува координација на институциите задолжени за борба против организираниот криминал, а во случаите на непостапување, Агенцијата ќе може да преземе посложен корупциски предмет од друга институција и да го сработи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.