СДСМ во последниве 5 години по трет пат формира старо-нова влада и по трет пат во владината програма ветува изградба на инфраструктурни проекти кои во реалноста и не се случуваат. Ниту пак меѓувремено оние проекти започнати од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ добиле некаков прогрес во нивната реализација, рече на денешната прес-конференција Синиша Ивановски, претседател на Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ. Додаде дека продолжувајќи во истиот стил на ветено и неостварено СДСМ мораа себеси да се надминат, по што наброја сè што власта вети дека ќе реализира и ќе работи овие наредни две години.

Ветија изградба на Коридорот 8, тука пред се мислат на Тетово – Гостивар проширување до ниво на автопат, потоа изградба – завршување на автопатот од Кичево – Охрид, како и автопат од Требеништа до Струга и Ќафасан. Потоа ветија железничкото поврзување од Куманово до Крива Паланка па се до границата со Бугарија, целосна реконструкција и доизградба на коридорот 10 и неговиот крак 10-Д, тука пред се мислат на експресниот пат од Градско до Прилеп како и автопатот од Прилеп до Битола и понатаму до границата со Грција. И ова се добро звучи на хартија, ова е лесно да се стави во владина програма но кога ќе дојдеме до оперативно реализирање на ветените инфраструктурни проекти сфаќаме дека си имаме работа со СДСМ, си имаме работа со нивната нестручност, нивната инертност, и нивната неможност да ја градат државната инфраструктура, вели Ивановски.

Тој коментира дека Македонија ниту има капацитет финансиски во две години да ги изгради или пак паралелно да ги гради сите овие инфраструктурни ветувања, ниту пак има капацитет на градежната оператива во државата за да се направат сите овие делници.

Како еден пример ќе наведам еден голем шопинг мол во Скопје кој што неодамна се градеше, истиот тој сериозно ја подзакочи целата оператива во оваа држава, па затоа за да се заврши овој шопинг мол имаше потреба да се носат градежни екипи од државите до Македонија, потсети Ивановски.

Тој даде краток осврт за сите инфраструктурни ветувања на СДСМ:

1. Изградба на автопат Кичево – Охрид

За овој автопат веќе е и срамно да се говори, петта година поминува како СДСМ се докажаа како мајстори за застој во изградбата на овој автопат. Наместо да се возиме веќе втора, трета година по модерен автопат, на самата траса гледаме никната трева и гледаме недостиг на механизација на градежна оператива. Ќе потсетиме во 2017 година при примопредавање на власта помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за реализација на овој автопат беше заклучено дека е направено 51% од реализираност, денес после 5 години имаме само едвај 70% во реализација, а она што е поважно овој автопат успеаја да го дигнат во чинење за скоро 200 милиони евра.

2. Автопат Скопје – Блаце

Овој автопат е огледало на неработењето на сите влади на СДСМ, замислете должината на првиот дел е само 2 километри и веќе петта година не успеваат да направат ниту еден километар, и согласно овој пример ние не можеме да очекуваме никакви успеси во изградбата на виталните државни коридори.

3. Автопат Гостивар – Кичево

Ќе напоменам дека овој автопат е започнат со проектирање уште во 2016 година, сега сме 2022 година и се уште не е започната изградбата на овој автопат, а како ветување стои во токму секоја програма која што СДСМ ја ветува пред избори или после избори.

4. Експресен пат Градско – Прилеп

Започнат е со реализација уште во 2015-та година, значи пред 7 години и во овие 5 години единствено што се случи на овој пат е да побегне фирмата изведувач и дури сега, во последнава година дена да имаме какви такви придвижувања наместо овој автопат да биде завршен веќе одамна.

5. Автопат Прилеп – Битола

Иако го ветуваше СДСМ уште во 2016 година во нивната изборна програма, засега можеме само да го видиме во владините програми, а далеку од тоа да го видиме реалноста или да се реализира истиот.

6. Железничкото поврзување со Бугарија, преку Куманово – Бељаковце – Крива Паланка

И понатаму останува енигма за оваа власт, тие наместо да работат ветуваат само завршување, даваат рокови, а првиот беше во 2019-та година и не го остварија. Сами дадоа нов рок 2021 година и се разбира и тој е пробиен, а како може да запазиме некој рок, како можеме да реализираме инфраструктурен проект ако на терен не се случуваат никакви градежни активности.

Да сумирам, СДСМ и изградба на државната инфраструктура, која е од интерес на државата, на граѓаните, на економијата, од интерес на туризмот, безбедноста и СДСМ не одат заедно. Меѓутоа СДСМ и неработење, СДСМ и анекси, пробиени рокови, е тоа веќе оди заедно, смета Ивановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.