Дали Али Ахмети, кој од командант стана ортак со кралевите на стриптизот и коцката, денеска ќе открие дали парите од црните бизниси и криминални тендери ги пере преку своите внуци, праша утрово пратеничката на Вреди Саранда Имери, во пресрет на прес-конференцијата на Европскиот фронт.

Криминалното раководство на ДУИ и неговите сателити, Зијадин Села и Мендух Тачи, ќе прават претстава за бркање на уплавот од нивното соочување со правдата, но нема да дозволиме да го потценуваат албанскиот народ, рече Имери на прес-конференција во Собранието.

Ахмети од командант Абаз Џука стана ортак со кралевите на стриптизот и коцката. Внукот на Ахмети, Дрин, јавноста го запозна во јуни 2023 година по аферата „Соравија“, кога како 24-годишник го купи трговскиот центар од 13.000 м2 во централниот дел на Скопје, за фантастични 20 милиони евра. Станува збор за шема на сомнителни финансиски трансакции кои ги истражува Јавното обвинителство за организиран криминал, кое меѓу другото, бара меѓународна правна помош и од американските власти. Од страв дека се фатени, внукот на Ахмети се повлече од фамозната фирма „Тор Индустри“ во пресрет на изборната кампања, на 13 март 2024 година – рече Имери.

Таа потсети дека тогаш Јавното обвинителство соопштило дека неговото повлекување не може да го амнестира од одговорност.

Фирмата на внукот на Ахмети е преземена од фирмата на кралот на стриптиз барови во Далас, Ник Назар Мехмети, со назив „Тексас Американ Интернешнл Холдригс“. Токму тој, во јули 2023 година, основал фирма со влог од 3 милиони евра, со назив „Американ Инвестмент Груп ДООЕЛ“, регистрирана на иста адреса со „Тор Индустрис“. Истата фирма „Американ Инвестмент Груп ДООЕЛ“, на 31 јули 2023 година, веднаш по регистрирање, на „Тор Индустрис“ на Дрин Ахмети му префрлила позајмица од 3 милиони евра, без да се дефинира целта на овој заем. Дали Абаз Џука денес ќе открие дали парите од црните бизниси и криминални тендери ги пере преку своите внуци – рече пратеничката?

Таа додаде дека Јавното обвинителство истражува серија деловни набавки кои Дрин Ахмети ги добил во ЕСМ, ЕЛЕМ, ЈП Комуналец Кичево, како и документација од Комисијата за заштита на конкуренција, од Фондот за иновации, МВР, Капетанијата на пристаништа, Министерството за економија и Централниот депозитар за хартии од вредност.

Да не го заборавиме и другиот внук на Абаз Џука, Бесиан Ахмети, кој е вмешан во матни зделки во државата. Едвај чекаме криминалното раководство на ДУИ да се соочи со членството и нивните симпатизери. Ќе видиме како ќе ги убедуваат да застанат во одбрана на милионските криминали со кои се богатеа Ахмети, Груби, Крешник, Бујар, Ејуп, Прпарим, Муса и нивните фамилии – рече пратеничката од Вреди на прес-конференција во Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.