Кардиохирургот проф. д-р Сашко Јовев е разрешен поради тоа што дежурал двапати во 2022 година без согласност од тогашниот министер за здравство Беким Сали, кажа денеска адвокатот на д-р Јовев, Мите Михајловски.

Тој го објасни решението за разрешување на д-р Јовев и најави правна процедура за решението.

Замислете, доаѓа некој со итна потреба на клиниката и портирот да му рече: Извинете, немаме согласност од министерот, дојдете утре. Само тоа е причината. Само дежурството, рече адвокатот Михајловски.

Д-р Јовев кажа дека е нормално да се дежура и да се покриваат колеги, како што работат сите клиники.

Разрешениот директор на Универзитатската клиника за кардиологија проф. д-р Јовев не смета дека е жртва на политички реваншизам, туку дека станува збор за суета и недоразибрање од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити.

Во оваа држава само успехот не се простува, рече д-р Јовев.

Проф. д-р Јовев, кардихирург од светски глас, познат по тоа што го предводеше тимот што ги изврши првите трансплантации на срце во Македонија, е разрешен од функцијата директор на Државна кардиохирургија. Решението е на актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити. Според неофицијални имформации, Меџити одлучил таа функција да ја преземе лекар од Тетово кој не е кардиохирург.

Меџити најави брифинг за доцна попладне, на кој ќе бидат образложени најдените нерегуларности.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.