Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
Почитувани сограѓани Албанци,
Денеска прославуваме особено значаен празник за албанскиот народ – 22 Ноември, Денот на албанската азбука. Пред 115 години, токму во нашата Битола, се случи унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор за кодификацијата на албанскиот јазик, што е несомнено еден од најзначајните стожери на културниот и духовниот идентитет на Албанците.
На почетокот на 20 век во тогашната Отоманска Империја, највидните албански интелектуалци од целиот свет се собраа на конгрес којшто ќе резултира со историската одлука за усвојување на албанската азбука. Плодовите од овој круцијален политички и културен чин ги уживаат сите Албанци каде и да се. Ние сме горди што денес албанската заедница е нераскинлив дел од мултикултурна и мултиетничка Република Македонија.
Испраќајќи најискрени желби празникот да го поминете во мир, здравје, радост и благосостојба, посакувам уште еднаш да ги потврдиме заедничките уверувања за солидарност и за рамноправност, како клучни за просперитетот на нашата заедничка татковина.
Честит 22 Ноември
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.