Претепаниот копретседател на бугарскиот клуб „Шемето“ од Струга, Бекир Кадриески, е во добра здравствена состојба и ќе се врати во Струга.
Ова го објави претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој сѐ уште има забрана за влез во земјава.
„Бекир Кадриески е добро и наскоро ќе се врати во Македонија за да ја продолжи борбата за човековите права на Бугарите во Македонија“, објави Стојанов на Фејсбук.
Тој потоа додава дека „нема обвинение на напаѓачот на Кадриески и дека е на слобода“.
„Ова е земјата Македонија. Нема да има фер истрага, како што побара бугарското Министерство за надворешни работи“, порачал Стојанов, објавувајќи заедничка фотографија со Кадриески.
Кадриески по сопствена желба бил во Бугарија за да се лекува, по што беше прегледан во Воената-медицинска академија во Софија.
Тој беше нападнат на 13 јуни во Струга, а како што изјавил во полиција, неговите напаѓачи почнале да го навредуваат и го удирале во стомакот.
Самиот Кадриески вели дека немал блиски односи со напаѓачот, додека приведениот тврди дека двајцата имале нерасчистени сметки од претходно.
Кадриески е државјанин на Македонија. Тој нема бугарски пасош, но тврди дека има бугарски идентитет.
Случајот со него потсетува на инцидентот со претседателот на сега веќе згаснатиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој беше претепан на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид, по што со бугарски владин авион експресно беше пренесен на лекување во Софија.
Освен што се лекуваше во соседната држава, бугарските власти му обезбедија престој и лично обезбедување, а неколку месеци подоцна му беше врачено и бугарско државјанство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.