Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на дводневната Конференција за чиста и безбедна енергија.

Во улога на говорник, министерката се обрати во програмата за министерски забелешки на која се дискутираше за предизвиците на регионот од Балканскиот полуостров до Централна Азија, на патот кон зелената транзиција, креирање поволни политики кон изградба на нови обновливи извори и енергетската безбедност.

„Земјите од регионот вклучувајќи ја и Македонија решително чекорат кон енергетската транзиција. Напорно работиме целосно да го усогласиме домашното законодавство со европските регулативи. Подготвуваме фер пазар за влез на нови странски инвестиции во обновливи енергетски капацитети, целиме кон нови технологии, но огромен стратешки приоритет е изградбата и диверзификација на нови обновливи извори во државна сопственост. Она што во наредниот период дополнително ќе се посветиме е подготовка на терен за изградба на батерии за складирање на произведената енергија од обновливи извори “ – рече Божиновска.

Божиновска нагласи дека не постои држава во Европа што не ги чувствува последиците од украинско- рускиот конфликт кој претстојнава зима може да се одрази на пазарот за гас и електрична енергија и директно да влијае на глобалната енергетска безбедност.

„Значителното штета која во текот на воените дејства ја претрпи енергетската инфраструктура на Украина, и потребата на земјата од електрична енергија претстојната зима, може да ги раздвижи цените на енергентите на европскиот пазар. Затоа очекувам дека оваа конференција ќе продуцира заклучоци и пораки врз кои ќе се креираат дополнителни превентивни политики на сите засегнати држави од регионот, во соработка со Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери“ – подвлече Божиновска.

Во истиот дел од програмата, Божиновска се обрати заедно со своите колеги Ахмет Берат Чонкар, заменик министер за енергија и природни ресурси на Турција, Џефри Р. Пајат, помошник државен секретар за енергетски ресурси во Стејт департментот на САД, Камал Мохамад Салих Калил, министер за електрична енергија и вд министер за природни ресурси во Курдистански регион во Ирак, потоа Џорџ-Сергиу Никулеску, претседател на Романското регулаторно тело за енергетика (ANRE), Берис Екинџи, турски заменик министер за надворешни работи и Метју Болдвин, заменик-генерален директор во Генералниот директорат за енергија при Европската комисија.

Конференцијата во организација на Програмата на Атлантскиот совет за Турција, во партнерство со Глобалниот енергетски центар , собра министри, функционери на високо ниво, лидери во приватниот сектор и експерти од целиот регион, како и од трансатлантската алијанса. Во дискусиите на конференцијата, се разговараше и за регионалните проекти, со акцент на Средниот коридор кој подразбира намалување на зависноста на регионот од руски гас, како и регионалните безбедносни и геополитичките прашања од Украина до Блискиот Исток и изборите во САД.

Се очекува дводневниот настан да ги означи следните чекори за унапредување на чистата енергија, зајакнување на енергетската безбедност и поттикнување на декарбонизацијата во енергетски систем



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.