Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во Скопје допатува по повод учеството на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, попладнево се сретна со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

Со ова започнува учеството на американскиот државен секретар на состанокот на ОБСЕ. Планирано е потоа тој да учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет, кој официјално почнува утре.

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.

Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Македонија, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.

-Не очекуваме средба, потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.

Блинкен од Скопје доцна вечерва заминува за Блискиот Исток . Состаноците на Лавров за време на Самитот на ОБСЕ во Севрена Македонија ќе бидат утре, наведува дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.