На актуелниот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, мандатот му завршува во јуни 2024 година. Според бугарските медиуми, како причина зошто Радуков се предлага за амбасадор во земјава, се наведува дека тој како организациски секретар на мешовитата комисија за историски и образовни прашања активно работи на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница во С Македонија
Дипломатот од кариера на бугарското Министерство за надворешни работи, Жељазко Радуков е предлог на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел за нов бугарски амбасадор во Република Македонија, пренесуваат бугарските медиуми.
На актуелниот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, мандатот му завршува во јуни 2024 година, а него според бугарските медиуми треба да го замени Радуков, дипломат од кариера во бугарското Министерство за надворешни работи, со искуство во повеќе области во односите меѓу Бугарија и земјите од Западниот Балкан.
Радуков, освен што е дипломат, ја извршува и функцијата организациски секретар на бугарскиот дел од заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.
Од 2021 година Жељаско Радуков е одговорен за Министерството за надворешни работи за Република Македонија во билатерален и во европски контекст.
Како што стои во образложението за неговиот предлог, тој ја имал клучната улога во креирањето и спроведувањето на Европскиот компромис од 2022 година, како и во билатералните преговори за Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со С Македонија, потпишан во јуни 2022 година.
Според пишувањата на бугарските медиуми, министерката Габриел како причина зошто токму Радуков го предлага за амбасадор во Скопје, навела и дека тој како организациски секретар на мешовитата комисија за историски и образовни прашања активно работи на заштита на правата и културно-историското наследство на бугарската заедница во Македонија.
Во текот на неговиот професионален развој бил директно вклучен и во Дирекцијата „Југоисточна Европа“ на тамошното МНР, каде што бил одговорен за Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, во насока на развој на билатералните односи со овие земји, вклучително и за нивната европска димензија.
Радуков го претставувал бугарското МНР на меѓународни форуми, учествувал во билатерални и мултилатерални преговори и во подготовка на стратешки документи за развој на надворешнополитичките односи на Република Бугарија во регионот на Западниот Балкан.
Помагал и во администрирање на проекти во рамките на овозможување на механизми за финансиска поддршка на Бугарија во странските земји, во насока на програмите за поддршка на тамошните бугарски заедници.
Во периодот од 2010 до 2013 година Радуков е назначен за трет секретар во бугарската амбасада во С Македонија, каде што бил одговорен за политички прашања и парламентарна дипломатија, за односите со политичките партии, за бугарската заедница, невладиниот сектор и локалните власти, како и за информативните активности за процесите во Македонија, но и за јавната дипломатија.
Радуков, во периодот од 2019 до 2021 година, пак, е распределен да биде прв секретар во Амбасадата на Република Бугарија во Белград, каде што дејствувал во решавање на проблемите на бугарската деловна и економска дипломатија, за односите со организациите на бугарската заедница, за невладиниот сектор и политичките партии, а имал и информативна активност за судењата во Србија, Црна Гора и Косово. Но, бил одговорен и во односите на јавната дипломатија.
Според бугарските медиуми, за овој предлог на министерката Габриел сè уште не се изјаснил бугарскиот претседател Румен Радев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.