Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила дека Министерството за образование и наука (МОН) не ја отстранило констатираната повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование до 31 август, што било нивна законска обврска, информира денеска на прес-конференција претседателката на КСЗД, Весна Бендевска.

Повикувајќи се на известување од МОН, таа посочи дека од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43. Само учениците во прво и второ одделение ќе ги добијат сите учебници, пишува 360 степени.

-Учениците во трето одделение се без учебник по сите задолжителни предмети. Допрва следи печатење, преведување и дистрибуција. Од МОН со објаснување дека учебникот е во завршна фаза. Нема учебник по математика, ниту пак е распишан јавен повик за формирање авторски тим. Учениците од другите заедници немаат учебник по македонски јазик, предмет кој е задолжителен. МОН тврди дека причината е што пријавените автори биле несоодветни според нормативот за наставен кадар. Што и да значи тоа, изјави Бендевска.

Таа понатаму додаде дека петтоодделенците немаат учебник по Историја и општество, учебникот кој беше одобрен од националната комисија во ноември 2022 година, испечатен, дистрибуиран, но поради грешки се повлече од употреба.

-МОН тврди дека нов авторски тим и ракописот се во рана фаза на одобрување. Во шесто одделение нема ниту еден учебник по задолжителните предмети, нема ниту одобрување. Историја нема ниту еден ракопис, авторите на учебникот по српски јазик биле несоодветни според нормативот на наставен кадар. Учебникот по математика бил во завршна фаза, но тој треба да биде преведен на сите јазици и дистрибуиран. Учениците од 7., 8. и 9. одделение учат по старата програма и ги користат старите учебници, со исклучок на географија кој, иако е одобрен, не може да се користи. Според МОН, има проблем со пренос на авторски права со авторот. По предметот Историја има два учебника од различни издавачки куќи, но МОН во моментот не нарачува дополнителен тираж, поради историската комисија. Што и да значи ова, рече Бендевска.

Според неа, МОН е обврзан законски сите учебници да ги достави до учениците најдоцна до 31 август, што во случајов не е така.

Како што посочи Бендевска, Комисијата има обврска да покрене прекршочна пријава против утврдениот дискриминатор, но тука станува збор за голема популација на ученици кои учат на сите наставни јазици, а кои остануваат без учебник како основно средство за стекнување образование.

На прашањето кои се следните чекори на Комисијата, Бендевска укажа на судската заштита.

-Ваквата форма на дискриминација законот ја препознава како структурна и системска и Комисијата има право да поведе тужба од јавен интерес против државните институции. Следната седмица како известител по овој предмет ќе го елаборирам пред членовите и ќе донесеме конечна одлука по што ќе ја известиме јавноста, изјави Бендевска на прес-конференцијата на тема „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.