Најавената консултација, меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи за тоа дали по сите скандали во Агенцијата за национална безбедност да се остане на одлуката Виктор Димовски да оди амбасадор во Париз, не се одржа. Но, во ова меѓувреме, како што дознава МКД.мк од дипломатски извори, се одржале консултации со амбасадите на неколку земји во Македонија , по што е добиена препораката да се најде нов кандидат за македонски амбасадор во Франција.
Амбасадорите на клучните сојузнички земји на Македонија до државниот врв препорачале да се разговара и за нови можни кандидати за амбасадор на Македонија во Париз имајќи ги предвид неодамнешните случувања поврзани со АНБ.
Виктор Димовски, пред крај на мандатот како директор на АНБ, во март годинава од Владата беше предложен за амбасадор на Македонија во Франција. Неколку месеци потоа изби скандалот со издавањето на македонски пасош на украинскиот и руски државјанин Олександр Онишченко. И покрај неговото криминално досие и тоа што е на црната листа на непожелни личности на САД, Димовски и неговиот тим дале позитивна безбедносна проценка за Онишченко. На тој документ бил потпишан и Зарко Милошевски, наследникот на Димовски на директорското место во АНБ.
Пред пет дена министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека „деновиве треба да се одржи консултација со претседателот на државата Пендаровски и премиерот Ковачевски и да се донесе одлука дали поранешниот директор на АНБ Димовски ќе замине на амбасадорското место во Париз, по случајот со државјанството на Олександр Онишченко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.