По поканата на Министерството за правда за учество на работната група за подготвување на уставните измени, како и по интересот на јавноста за ставот на Алтернатива во однос на таа покана, денес сме тука да појасниме дека АлтернАтивА нема да учествува во таквата група.

За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската унија.

Освен тоа, АлтернАтивА не може да седне на иста маса и да дискутира на оваа тема со партии кои уште не се изјасниле за нејзиниот предлог-амандман за борба против политичката корупцијата. Се додека во судството секој ден се соопштува за предмети на политичката корупција кои застаруваат, а владата и другите политички партии молчат за нашиот предлог за уставно санкционирање на незастарувањето на делата поврзани со политичка корупција, ние немe никаква обврска да одговориме на покани за сликање или за глумење дека сме за уставни измени.

Ако некој сака да ја види АлтернАтивА како дел од тие дебати, првин треба да понуди реална можност за политички консензус, а како второ на дневен ред да биде нашиот уставен предлог-амандман за борба против корупцијата.

Тука потсетуваме дека за АлтернАтивА уставните измени немаат никаква смисла ако Македонија продолжува со разни средства да ја подржи политичката корупција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.