Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека е голем оптимист за тоа кога ќе влеземе во ЕУ. Тој вели дека за 3-4 години земјава ќе биде членка на Унијата.

„Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам. Без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка држава може да биде пример за решавање на проблемите…“ рече, меѓу другото, Ахмети.

„Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3-4 години ние ќе бидеме членка на ЕУ бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза“, нагласи лидерот на ДУИ.

Според него, треба да се направат уставни измени, а затоа треба да има помирување меѓу сите субјекти што имаат одговороност за судбината на државата.

„Јас мислам дека може да се постигне помирување, да ги стават сите интересите на државата, иднината на генерациите. Нема политички интереси дали ќе победиме на дргите избори…“ порача Ахмети.

Тој зборуваше на дебатата на тема „Европски фронт”, организирана за годишнината на ДУИ, што се одржува во хотелот „Александар палас“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.