Нашата „инвестиција“ во напредокот на судството за жал не даде очекуван „поврат“, вели амбасадорката на САД во Македонија Анџела Агелер во интервју за весникот Капитал.

Кога станува збор за напредокот во судството, ние сме разочарани. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција. Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето кои живеат тука отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен – темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате, вели Агелер во интервјуто.

Во однос на тврдењата на опозицијата за корупција околу Коридорите 8 и 10 д, американската амбасадорка нагласува и повторува: „ако има наводи за корупција околу Коридорите 8 и 10д, истражете ги! Ако утврдите криминал, гонете го!“.

Доколку истрагата утврди корупција, нека ја гони. Мора да има одговорност за секого, секаде. Во исто време, преголемата политизација на нештата понекогаш може да биде подеднакво штетна како и самата корупција со тоа што ќе спречи добри проекти да се движат напред и ќе испрати порака до другите потенцијални инвеститори дека водењето бизнис во оваа земја е премногу комплицирано и бирократско, рече Агелер.

Проектот на Коридорите 8 и10д, посочува американската амбасадорка, ја претставува најголемата инфраструктурна инвестиција во историјата на оваа земја, а придобивките за граѓаните се огромни: голем број добри работни места, договори со локални компании и снабдувачи, како и партнерство со една од најпочитуваните американски компании кои работат на Балканот и ширум светот. Кога ќе бидат завршени, патиштата ќе го намалат времето на патување низ земјата, ќе ја подобрат безбедноста и пристапноста кон другите партнери од НАТО, ќе ја зголемат трговијата и ќе ја направат оваа земја витален транспортен центар низ Балканот.

Во интервјуто американската амбасадорка Агелер зборува за потребата од енергетска ефикасност и безбедност, за што вели дека се критични прашања ширум светот, а руската брутална и нелегална инвазија на Украина уште повеќе ја истакна таа потреба. На краток рок, посочи таа, се надевам дека земјата ќе вложи максимални напори да обезбеди природен гас што не доаѓа од Газпром и да го комплетира интерконекторот со Грција.

Тоа треба да биде натпартиски приоритет и да добие целосна согласност од Собранието. Но имање на стабилен и сигурен извор на гас не треба да биде единствената крајна цел. Сите ние треба да работиме на проширување и подобрување на енергетските пазари со алтернативи. Ова е област која бара итно внимание. Ги охрабрувам официјалните лица да донесат координирани, стратешки одлуки за енергетски инвестиции и да работат на оддалечување на земјата од нејзината зависност од јаглен. Проектите како ХЕЦ Чебрен се од суштинско значење за балансирање на мрежата и намалување на зависноста од фосилни горива, вели Агелер во интервјуто за Капитал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.