„Министерот за надворешни работи треба целосно да се повлече од оваа расправа, што ни ја наметнуваат Бугарите, бидејќи нивните барања задираат во идентитетските прашања на Македонците. Тој самиот не е Македонец, па неговото однесување личи на човек, што сака да го уредува дневниот престој на својот сосед. Tој не е поставен од народот, па да се плаши од неговиот суд. И тој и сите други околу него се тука, за да ги бранат туѓите интереси.“ – вели Агатангел, митрополитот Повардарски на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во својата анализа, која со наслов „Каков е изгледот на урнатината, таква на безумниот му е мудроста“ ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, владиката Агатангел пишува: „Протестите на македонскиот народ имаат благочестива цел: спречување на свесното ништење на македонскиот идентитет, односно на македонскиот јазик, историја и култура. Моите молитви се секогаш на ваша страна, бидејќи вашето дело е праведно. Ве поддржувам и ве поткрепувам.“
„Промената на името беше јасна и отворена победа на неофашизмот, кој на европскиот украсен астал, пропагандно, со надеж за посветла иднина, ни беше сервиран во бели ракавици. Преку Бугарите како европски измеќари сега ни се послужува газење на македонскиот јазик, идентитет и историја. Во сегашниов обид за ништење на македонскиот јазик, идентитет и историја гледаме школски пример за лудост, во кој е вградена нечесна намера.“
„Колку порази како народ и држава треба да доживееме, за конечно да сфатиме со кого и со каква нечестивост си имаме работа? Европа, но и Америка, како нејзин непосреден газда и владетел, повеќе не се она што биле некогаш. Францускиот претседател е совршена праслика на британскиот премиер од 1938 година, кој во име на мирот, како повисок интерес, на Хитлер, без да го праша тамошниот народ, му ги предал на тацна цела Австрија и Чехословачка, за овој подоцна да се осоколи и да му донесе на светот бура од несреќи, во која пострадаа меѓу 60 и 80 милиони невини луѓе. Ете со кого денеска си имаме работа. Ваквата ментална состојба денес има намера да ни ја крои судбината.“
„Бугарите во овој момент се само лоши актери и невешти имитатори, кои уште еднаш избраа да застанат на погрешната страна на историјата. Таквите многу сакаат да зборуваат за измислена бројка на обесправени Бугари во Македонија, но, сепак, никако немаат намера да си погледнат во сопствениот двор, па да си видат каква нечовечност им владее во сопствените граници, и во однос на правата, но и во однос на слободата на мислата на оние што одбиваат да се чувствуваат како Бугари. Европа замижува пред оваа неправда, оти тие ги разбираат единствено правилата на насилникот. За Европа не е никаков проблем еден културен центар да носи име на докажан терорист, кој бил личен пријател на Гебелс и на Хитлер.“
„Јас немам намера да молчам пред неправдата, што непосредно го угнетува мојот македонски народ. Оваа неправда сака да му ја зацрни и да му ја одземе секоја светла иднина, претворајќи го во безлична маса, во дрво без корен, во послушен и аутистичен ентитет, кој единствено има право да биде согласен со секој апсурд што ќе му биде прислужен.“
„Уште пострашно е однесувањето на министрите од македонскиот блок. Не разбирам како може да се нема основно чувство за духот на својот народ. Вразумете се! Оставете ја Европа да се бори со својот фашизам, тоа е нивен производ. Македонците отсекогаш биле антифашисти и никогаш немале страв да се спротивстават на фашистичките мрачни сили, дури и тогаш кога пред нивниот налет се поклонила цела Европа. Потребно ли е за некој да не биде навреден, да ги потрупаме илјадниците партизански гробови и споменици што во знак на благодарност ги изградиле нашите татковци?“
„Внимавајте како ќе бидете запаметени во историјата, оти таа е неумолива, никому не му простува и брутално се пресметува со предавниците, а вас особено нема да ве поштеди. Сега ви е последната шанса да бидете храбри и одлучни. Најпрво вратете го името Македонија и признајте си ја грешката.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.