Околу 700 стручни соработници, професионалци за ментално здравје од сите основни и средни училишта во текот на 2022 и 2023 година биле обучени за новата Програма за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Од МОН велат дека истите се дел од заедниците за размена и колегијална поддршка.

Оваа мрежа на стручни соработници, всушност ќе преземе водечка улога на ниво на училиште во спроведување на активностите за унапредување на социо-емоционални компетенции и зајакнување на психолошката отпорност кај учениците и возрасните, додаваат од МОН.

За спречување на сите форми на насилно однесување, обуки за стручните служби во сите основни и средни училишта, како и подобрување на здравјето и добросостојбата на учениците, се разговараше на работна средба помеѓу претставници од МОН, УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието со тим од професионалци и експерти за ментално здравје.

Резултат од средбата на која присуствуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ДиЏовани е постигнатата согласност за заедничка координација и искористување на расположливите ресурси во облик на прирачници и обучен кадар при креирање на краткорочни и среднорочни активности за враќање на довербата и чувството на безбедност во училиштата.

Шаќири ги информираше присутните дека МОН спроведува активности за поттикнување на отворен разговор и вклучување на што повеќе чинители кои ќе дадат придонес во креиањето позитивна клима во училиштата. Тој изрази благодарност до УНИЦЕФ за досегашното партнерство и за поддршката која ќе следи во наредниот период, а особено за учеството во спроведување на обуките за стручните служби во сите училишта, за родителите и учениците, сè со единствена цел учениците и вработените во училиштата да се чувствуваат сигурни и безбедни во образовните институции.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.