Лимени бродски контејнери адаптирани во привремен објект 22 години претставува место каде се одвива настава за учениците од тетовското село Непроштено од прво до петто одделение во наставата по македонски јазик.  Од 2001 година наставата по македонски јазик се одвива тука, поради тогашните чести инциденти и загрозена безбедност на учениците во подрачното училиште „Еќрем Чабеј“ на неколку стотини метри од лимениот објект. Жителите посочуваат дека тоа требало да биде времено решение, но веќе 22 години нема слух од институциите на централно и локално ниво за решение односно за изградба на нов објект од цврста градба.

Дел од родителите на децата и самите биле ученици во овој контејнер, велат во Непроштено.

Кое време е сега, деца во 21 век да учат во контејнери. Се знае во контејнери што се складира. Внучето мое учи таму. Им студи, на зима, тоа е контејнер. Тоа не е просторија, не е како во школо. Ние бараме да се направи макар две простории школо на приземје. Да биде затворено со тврд материјал, за да можат децата да учат таму. Да учат во соодветни услови. Апелирам до Министерство за образование некој да дојде да види под какви услови учат нашите деца Македончиња. Треба и самата општина да дојде да види градоначалникот.  Бараме да се направат барем две простории и да учат децата да имаат услови каде да учат, вели Вељо Томовски, жител на Непроштено.

Наставниот кадар не дозволи да се види внатрешноста на објектот, но од надворешноста се гледа дека ова е опасно место за деца.  Висат искинати кабли, искршени лимени парчиња, насекаде има дупки. За да се оди во тоалет треба да се излезе надвор од улилниците и да се оди одзади објектот. И тоалетот е дотраен објект. Ништо подобро не е ни надвор од овој училишен објект. Има игралиште со кошеви, но ништо не е функционално. Таблите се искршени, а бетонската подлога е полна со дупки и купишта со насобран песок и тиња.

Децава наши нема каде да излезат каде да играат. Вчера имаа фискултура. Играа на игралиштето. Игралиштето е полно со тиња, бактерии, и што ти не. Имаше поплави и дојде тињата. Му викам на наставникот децава, овдека ли ќе играта, ми вика нема каде да се игра фискултура. Децата играат во најмизерни услови. Никој нема да дојде. Да види и за игралиштето, да види каде децата учат, зошто детево вчера све пепел, прашина на него. Фискултура игра во тиња, во пепел. И тоа не е работа.  Багер еден да се исчисти, општина Теарце, за да може да каде да играат децата, ни вели Вељо Томовски.

Мештаните посочуваат дека пред десетина години им било ветено од тогашниот министер за образование, Абудлаќим Адеми за можноста да се изгради објект со 80-тина квадрати, а само локална самоуправа треба да обезбеди фундамент спорти игралиштето. Родителите на учениците велат дека имале средби со сектор за образование при општината, посочиле за проблемите со објектот и други текови работи, како и за можноста за изградба на таков објект, но ништо не се променило.

Од Министерството за образование и наука, пак, велат дека проценките дали таму треба да се прави објект би правеле доколку тоа побараат од локалната самоуправа. Според нив тоа не е направено од страна на Општина Теарце.

Министерството за образование и наука инвестира во училишни објекти, врз основа на доставени барања од страна на локалните самоуправи, проценка на реалните потреби и врз основа на чиста документација. Досега не е доставно, но доколку општина Теарце достави до МОН соодветно барање и урбанистичко – планска документација, ќе се пристапи кон разгледување и одлучување за понатамошно постапување, односно внесување на проектот во некоја од следните инвестициски програми, велат во дописот од Министерството за образование и наука.

Од Општина Теарце образложуваат дека нема потреба да се прави нов објект. Според нив училишниот објект што се наоѓа на стотина метри од привремените лимени училници, иако е од 1954 година, бил реконструиран и според нив поседува добри услови за настава, при што сега таму учат 110 ученици на албански наставен јазик.

Дали има можност за да се изгради еден нов објект за овие 12 ученици, одговорот е разбирлив затоа што за жал не постојат такви финансиски можности а нарочито во овој случај кога имаме добар училишен објект. Исто така имајќи го во предвид и бројот на учениците и драстичниот пад на бројот на учениците ќе биде многу тешко постоењето и одржувањето на актуелните училишни објекти на Општина Теарце. Нашето мислење е дека решението на овој проблем е овие 12 ученици да се приклучат и да учат заедно со 110 ученици други каде има добри и значителни просторни услови, се вели во одговорот на Општина Теарце.

И кога ќе завршат петто одделение, овие деца се мачат и понатаму. Треба да патуваат до Теарце каде наставата следат во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ од шесто до деветто одделение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.