Портпаролите на Владата Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на 11-та и 12-та седница на Владата на Република Македонија и одговараа на новинарски прашања од интерес на јавноста.

На прес-конференцијата портпаролите информираа за одлуката на Владата за одобрување финансиски средства во износ од 2,9 милијарди денари на АД ЕСМ, за обезбедување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија.

Со оваа одлука, како што истакнаа, се задолжува АД ЕСМ овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.

Портпаролите информираа дека Владата донесе Уредба за организацијата и функционирањето на единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повикување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката – Е-112.

Со него се обезбедува брзина и ефикасност во постапувањето при итни повици за итни случаи за помош и се овозможува достапност до системот на сите лица на територијата на Република Македонија, без надоместок од сите телефонски мобилни или фиксни оператори.

На прес-конференцијата беше соопштено дека групата од 16 граѓани на Авганистан, за кои во изминатиот период Македонија обезбеди привремен престој, изутрината со лет преку Истанбул, замина за Канада, која им обезбеди престој на вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ (Open Government Partnership – OGP).

Портпаролите информираа дека Владата донесе заклучок да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од собраниската постапка и на усвојување пред пратениците да го достави новиот текст на Предлог-законот во кој во членот 6 е избришана формулацијата „негативно мислење“.

Портпаролите соопштија дека Владата ги усвои измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во согласност со одлуките од Економско-социјалниот совет со кои најмалиот износ на минималната плата почнувајќи од мартовската плата не може да биде помала од 18.000 денари, и со кој во законска рамка се ставени и донесените измени за редовно годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, како и критериумот според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

На прашање дали Владата ќе ги помогне општините во справувањето со енергетската криза, беше истакнато дека се преземени сериозни мерки за поддршка на граѓаните и малите потрошувачи со што беше спречен ценовниот шок и превисоките сметки за електрична енергија. Дополнително Владата со низа мерки обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинската енергија во главниот град со целосно покривање од државниот буџет. На Град Скопје и на општините им беше понудено разликата од актуелната до реалната цена за парното греење да се покрие од буџетот во висина од 80 проценти, а со 20% да учествуваат самите, што не беше прифатено. Владата, беше речено на прес-конференцијата ќе ги разгледа барањата, но во економска криза секоја институција мора да понесе дел од одговорноста како сериозен пристап за грижа за граѓаните и дека градот Скопје и општините мораат да ја ревидираат својата улога во енергетска криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.