Приоритет над приоритетите во однос на уставните измени е промена на Преамбулата, со што во неа би се вметнале сите помали заедници кои ќе пројават интерес за тоа, но доколку „се отвори Уставот“ тогаш треба да се најдат решенија и за „сите празнини“ во него, за што ќе деде потребен консензус, изјави денеска министерот за правда Кренар Лога по средбата со австриската министерка за правда Алма Задич.

Тој нагласи дека ја повикува ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на оваа партија да се изјаснат за сите прашања што ги имаат поврзани со Уставот, посочувајќи дека вратата на Министерството за правда останува отворена за нив.

Во врска со измените на Изборниот законик, Лога нагласи дека останува рокот до петок што и го остави на ВМРО-ДПМНЕ да предложи свој претставник во работната група.

– Да почекаме до петок, рече Лога во одговор на новинарско прашање дали работната група за промена на Изборниот законик ќе почне да работи и без најголемата опозициска партија, доколку таа не предложи свој претставник во ова тело при Министерството за правда.

Лога го поздрави денешниот избор на нови судии од страна на Судскиот совет и најави дека денеска Министерството до Владата ќе достави нов Предлог закон за Академија на судии и јавни обвинители, со што, како што рече, ќе биде подобрена нејзината инфраструктура.

Во однос на мислењето на Комисијата за употреба на имиња на личности во врска со називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид, Лога изјави дека тоа се уште не е стигнато до Министерството за правда, а откако ќе пристигне, што очекува да се случи во текот на денешниот ден или најдоцна утре, тој ќе донесе соодветна одлука.

Комисијата за употреба на имиња на личности вчера даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис Трети во називот на бугарскиот клуб, со оценка дека именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.

– Тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдиректно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка, заклучи Комисијата



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.