На последното изборно собрание на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола за претседател е избран македонскиот писател Зоран Пејковски.
Во вторникот на 18-ти овој месец, во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола, Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ го одржа своето изборно собрание, на кое со едногласна одлука за свој претседател го избра македонскиот писател Зоран Пејковски. Инаку во „Битолски книжевен круг“ членуваат 16 писатели, меѓу кои и академикот Владимир Костов, кои се членови на Друштвото на писателите на Македонија.
Инаку, на ова изборно собрание избрани се и други тела кои функционираат во рамките на „Битолскиот книжевен круг“. Така што за секретар избрана е поетесата Мирјана Стојановска, а пак уредувачкиот колегиум, односно редакцијата на меѓународното Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ кое излегува во рамките на „Битолски книжевен круг“, ќе ја води писателот Михајло Свидерски-главен и одговорен уредник, како и членовите, писателот Никола Илијовски и поетесата Елизабета Јончиќ.
Во овој контекст треба да се нагласи дека ова е втор мандат на Зоран Пејковски. Тој првиот го извршуваше во периодот од 2015 до 2018 година, кога манифестацијата „Битолски книжевни паметења“ ја претвори во манифестација од меѓународен и награден карактер, кога всушност и за првпат во Битола присутни беа писатели и поети од повеќе Европски земји, како на пример од Франција, Полска, Чешка, Романија, Словенија, Хрватска, Србија, Словачка итн…. Веднаш по неговиот период функцијата ја презеде поетесата Елизабета Јончиќ, која успешно ја продолжи востановената практика и тенденција за успешно меѓународно растење.
„Поддршката од колегите е апсолутно значајна, и таа секогаш од нас бара повеќе ангажман за да се продолжи патот кон успехот на целиот писателски колектив. За мене посебно значење и емотивни моменти има и безрезервната подршка на големиот и еден од најзначајните македонски писатели, академикот Владимир Костов, кој остава длабоки белези не само во македонската литература, туку и лично кон нас, кои професионално се занимавме со пишување“, истакна Зоран Пејковски.
Инаку, Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, театролог и единствениот натуралист во македонската литература.
Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.
Автор е на 24 сценско-драмски дела, на 25 збирки песни, 1 роман, 1 препев, 4 научно – истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, во 2016 година, се стекнува со титулата Почесен амбасадор на мирот, во 2017 година се стекнува со титулата академик, а пак во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија.
Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.