Вечерва во Музеј на македонската борба во 20 часот со концерт на извонредниот тенор Михаило Арсенски и пијанистот Дино Имери се отвора Фестивалот „Златна лира“, кој е во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија.

Македонскиот тенор Михајло Арсенски, чии што уметнички патишта го носат далеку од нашата држава, својата кариера долги години ја гради на концертните и оперски сцени на голем број светски метрополи. Критичарите го нарекуваат мајстор на вокалната техника, пејач кој импресионира со зрелоста на својот вокал и супериорната пејачка експресија. Концертот на свеченото отворање на годинашната „Златна лира“, Арсенски во пијано придружба на Дино Имери ќе го посвети на соло песната, форма на која тој ѝ дава особен пиетет и успева да ја воздигне на највисоко уметничко ниво, изведувајќи композиции од Клод Дебиси, Рихард Штраус, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и Томислав Зографски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.