Животот и делото на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто прикажан низ 250 фотографии со кратки информации за 150 настани беше изложен денеска во Спомен-куќата на Христо Узунов во Охрид.
Изложбата насловена „Ченто – биографија низ фотографија“ на Рубинчо Белчески ја отворија директорите на Охридскиот и Прилепскиот музеј, Катерина Велкоска и Горан Цветкоски.
Посетителите, како што истакна Велкоска, на 250 хронолошки поставени фотографии ќе можат да го видат животот и делото на Ченто, од неговото детство, предвоениот, воениот и периодот по ослободувањето, се до неговата смрт, како и фотографии на дела создадени за него.
– Содржините од изложбата збогатени со кратки информации на 150 настани, кои ги дообјаснуваат „замрзнатите“ моменти од фотографиите, неколку текстови на авторот и делови од говори, мисли и изјави на Ченто, ја прават фотомонографијата, која го заокружи проектот, посочи Велкоска.
Изложбата ја организираат музеите од Прилеп и од Охрид по повод 120 години од раѓањето и 65 години од смртта на Методија Андонов – Ченто, а пред охридската публика ќе биде достапна секој работен ден до 30 ноември годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.