60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје,  „Терапија / Terapija“ организира мултимедијален настан во знак на одбележување на 60 години од скопскиот земјотрес. Од 26-ти до 28 јули, во Музеј на град Скопје.

Скопје, 26 јули 1963 година, 5 часот и 17 минути.

Скопјани од сон ги буди силен земјотрес кој во следните 20 секунди се претвора во страшна катастрофа…

9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала), 20 секунди, со помали потреси до 5 часот и 43 минути.

Со себе носи животи на 1 070 граѓани, од коишто 478 мажи, 430 жени и 162 деца.

Тоа утро, на 26 јуни, 1963, Скопје беше рането, неочекувано и подмолно нападнато но, не и победено!

Тоа и иднината го покажа!

По тој повод, настанот „Зборувај за Скопје” ќе обедини повеќе уметности: музика, слика, филм, визуелна уметност. А, секоја од нив, на уникатен начин „ќе зборува за нашето Скопје”.

За метрополата некогаш и сега.

За Скопје во минатото и денеска.

За патот понатаму…

Предвидена е изложба на тројца истакнати македонски уметници, музички дел, како и визуелизација на текстови од начинот на кој информирале медиумите во далечната ’63-та.

Многумина ќе се спротистават на славењето на природна катастрофа, која земала многу животи и уништила илјадници домови, јавни објекти и установи. Но, ние ги истакнуваме вредностите кои се случија по оваа непогода во 1963 година, велат од „Терапија / Terapija“

Солидарноста, хуманоста, емпатијата како основни водилки, кои придонесоа Скопје повторно да се изгради и да стане метропола. Токму овие вредности очајно ни фалат денеска. Токму овие вредности недостасуваат на Скопје, на луѓето, на сите ентитети кои сакаат поубав град и поквалитетен живот.

Ајде да зборуваме за овие вредности!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.