Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ – Скопје вечер во 21 часот ќе ја отвори Годишната завршна изложба на учениците од прва до четврта година во учебната 2023/2024.

Ќе бидат презентирани слики, мозаици, графики, цртежи, фотографии, керамики, актови, дизајни од областа на текстилот, ентериерот и мебелот, а ќе бидат прикажани видеа и анимации. Изложбата ќе биде збогатена со модна ревија и со рок забава со Backdoor band од Охрид.

Оваа година средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ одбележува 80 години постоење. Во изминатите децении, како што се наведува, „претставува незаменлив дом од кои се изнедрува современата македонска ликовна уметност“.

Во текот на 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите е значаен пункт на авангардата, на модата, и на културата воопшто. Учениците во средното уметничко училиште, исто како и некогаш, денес ги красат особините на индуивидуалност и посебност“, посочуваат од училиштето кое има 260 ученици во седум отсеци.

Од 2013 година училиштето работи по нов наставен план кога беа додадени отсекот Мултимедија, предметите Видео и звук, Анимација, Дигитална уметност, Медиски форми и Фотографија.

Јубилејот ќе се прославува до крајот на годинава со повеќе настани, меѓу кои и поставување статуа на проф. акад. Јордан Грабул и промоција на документарен филм за училиштето.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.