Завршија конзерватоско-реставраторските активности на фрескоживописот во црквата Света Богородица Болничка, соопшти денеска националната установа Завод и Музеј – Охрид.

Црквата, која се наоѓа во центарот на Охрид, во близина на плоштадот Долна Порта, датира од 14 век, со фрескоживопис од 1370 година, кој низ вековите претрпел измени.

Директорката на институцијата Катерина Велкоска информира дека со конзервацијата било опфатено фиксирање и стабилизирање на ранливи делови нападнати од влага на источниот и северниот ѕид, која негативно делувала на основите на живописот.

На јужниот ѕид од наосот беа обновени старите конзерваторски малтери, додека на источната и северната фасада беа обновени старите и дотраени фуги од кои навлегуваше дождовна вода, изјави Велкоска.

Покрај реставратоските активности, со помош од МПЦ, додаде, бил исчистен и кровот од мов, лисја и вегетација.

Во оваа црква, посочи директорката на Завод и музеј – Охрид, значајни се двата слоја на фрескосликарството, едниот од 14 век и пресликувањата од 1834 година. Интервенции врз фрескосликарството, според неа, последен пат биле правени во 1959/69 година, кога бил изваден вториот слој и е прикажан на посебна подлога и на држачи независно од архитектурата на црквата.

Црквата Света Богородица Болничка припаѓа на малите еднокорабни духовни храмови од 14 век, а стариот фрескоживопис е дело на непознат локален зограф. Заедно со црквата Свети Никола, која се наоѓа веднаш до неа, охриѓани ги нарекуваат болнички, бидејќи во средниот век таму постоела болница, која се користела и како карантин за време на епидемии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.