Заврши 36-то издание на поетската манифестација Поетска ноќ во Велестово. На фестивалот што се одржа во преубавиот амбиент во охридско Велестово, настапија поети од земјава, од Хрватска, Ирска, Србија и од Кина, а беше претставен поетски портрет на авторката Елизабета Баковска.
Во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ беше отворена и изложба на фотографии на Сашо Димоски со наслов „Паметници на заборавот“.
Фестивалот беше отворен и затворен со музичките концерти на хрватската кантавторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ.
Заврши уште едно успешно издание на фестивалот Поетска ноќ во Велестово, настаните беа посетени од многубројна, внимателна и посветена публика, па би сакале да им се заблагодариме на сите што присуствуваа, како и на нашите гости што со нивната убава поетска мисла, со музиката и со фотографиите со кои се претставија создадоа магија и на сцената, но и во сите неофицијални дружби и прошетки во Велестово и во Охрид. Голема благодарност и до поддржувачите на фестивалот, изјавија организаторите.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, „Традуки“, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), како и компанија од финансискиот сектор и поголем број локални фирми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.